Централ парк наместо Менхетн на паркингот

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

На почетокот од мандатот премиерот Зоран Заев сериозно ѝ се закани на урбаната мафија кога во „Мавровка“ со булдожер исече арматура на ура. Со влегувањето во дупката на трговскиот центар излезе од своите надлежности, што пак денес се бара од него преку писмо на стручната јавност – да спречи багери да влезат до големиот трговски центар, на паркингот каде што треба да се градат три солитера. За разлика од владиниот театар во „Мавровка“ (таму сепак никна објект, под името „урбана опрема“), затрупувањето на оваа ДУПка во центарот на Скопје нема да биде лесно.

СДСМ, наместо да им застане на патот, само продолжи таму каде што почна ВМРО-ДПМНЕ. Демохристијаните пред деценија и пол наумија во градското срце да забијат шилци, со стокатни „кули вавилонски“ да бидат поблиску до Бога. Поради кризата од 2008 година не би тој библиски Менхетн на местото на септичкитете јами од Ново Маало, па одбраа барокно дефецирање, озаглавено како „Скопје 2014“ за да го заглават градот со евтин гипс-картон. Партијата што сега обвинува за криминал, по полноќ кроеше планови, не само детално-урбанистички, на кои не може крајот да им се фати. Крајот не се догледува угоре, во низата од облакодери, утре можеби и 60-катни, зашто на урбаните предатори им се лачат сокови од пленот добиен со евтин (п)откуп.

Власта можеше од тоа државното земјиште, на пример, да направи Централ парк наместо Менхетн, но загриза од големото јаболко на гревот со продажба на плацот за 312 евра од квадрат заради дооформување на парцела за три висококатници – од 16, 20 и 22 ката. Каква коинциденција, 312 квадрати е голем и деловниот простор во зградата која го уништи зеленилото кај „Мајчин дом“, сега сопственост на фирма на екс-градоначалникот на Аеродром, Ивица Коневски. Од киријата што ја зема за просторот, за неколку години ќе го отплати кредитот со кој си го купи. Познати градоначалнички шеми со општински совети кои цртаат маркички.

Кутрите тие, бараат „да се дефинира јавниот интерес“, немоќни се пред државата и прописите, општинската каса им е празна, беспомошни се во борба со Уставниот суд, со плановите на претходната власт, со локалните жители, а забораваат да суспендираат штетни ДУП-ови пред да им легнат парите на сметка, макар општинска или градска. Сите се во право и работат по закон, само на скопјани им е одземено правото на чист воздух и град по мерка на човекот. Авторот на архитектонскиот гранде-проект, пак, принципиелно прашува колку ученички клупи се слободни во близина. Зошто да троши драгоцен простор за училиште, градинка, парк? Не праша колку дуќани се празни во ГТЦ додека се проектира нов деловен објект отспротива, или колку станови се непродадени во Скопје. Нула од морал под 22-катна вертикала за заработка со многу нули. Јазикот на парите е посилен од сите здраворазумски јазици под таа кула вавилонска на гревот.

Тешко се наоѓа цивилна противтежа на интересот наречен бизнис, профит, партија, организиран криминал… Шарените се проретчија, напуштени од паркобраните, ги нема кај паркингот, да го гушнат наместо ГТЦ, еден од малкуте неосвоени простори што останаа во центарот на градот кренат во воздух. Последна празнина, како меморијален споменик „Граунд зироу“ во несудениот Менхетн, по теророт врз Скопје со бројните кули.

Премиерот вети дека слободно ќе дишеме, затоа им должи на скопјани парче сино небо меѓу сивите сводови. По цена и со посебен закон да ги покрие сите свои ненадлежности и да прогласи мораториум на градење до објавување конкурс за соодветно урбанистичко-архитектонско решение за овој простор. Без разлика на високата цена што како отштета ќе треба да ја плати Општина Центар кон инвеститорот „Обновители“. Тоа е шанса и Заев да ги приземји дигнатите и да си го обнови некогаш високиот рејтинг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот