Цела Европа и САД на Преспа форум кај Заев, само Мицковски во Брисел

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Во политиката велат сè е дозволено, а особено ако си опозиција. Но сепак, само едно нешто е недозволиво, а тоа е да изгубиш политички компас. За жал се чини дека претседателот на најголемата опозициска партија Христијан Мицковски или залутал во идеолошки мрак, или пак застанал на крстопат и сега не знае кој пат да го фати.
Тој пред некој ден отпатува во Брисел за да се жали од Заев, а не виде дека сите во Брисел веќе се пакуваат да дојдат на Преспа форумот кај Заев. И не само од Брисел, туку од цела Европа и пола Вашингтон.
Поарно ќе беше да почекаше ден, два и да појдеше во Охрид/Преспа и таму да се обидеше да „запне“ за Македонија преку своите врски и пријатели, ако ги има. Имаше време дури и по враќањето да замине таму и да биде дел од најголемиот политички собир што на Балканот се има случено во изминативе децении.
Но наместо таму, тој отиде на интервју во Сител, каде со одговорите ја збуни и интелигентната уредничка која му постави вистински прашања. Се разбира, како што е вообичаено за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, одговори не доби ниту Цаци, ниту македонската јавност; зошто највисока делегација на ВМРО-ДПМНЕ отишла во Брисел, освен што присуствувала на состанок на народните партии на Европа? Дали Мицковски смета дека Македонија заслужува да ги почне преговорите за членство во ЕУ или не, бидејќи тој на едно место вели да, а на друго не.
Од досега кажаното од неговиот престој во Брисел внимание предизвика неговата изјава дека „не дошол таму за да прави проблеми“. Таа реченица од почетокот висеше нејасно во воздухот, како некој од домаќините уште на доаѓање да му рекол „добредојде, ама немој да правиш проблеми сега…“ Како потврда за ова изнесе самиот Мицковски во интервјуто за Сител, кога рече дека неговиот пријател и потпретседател на ЕПП му рекол „добро немој сега пак за Заев да зборуваш, тоа доплнително ќе ја отежни вашата меѓународна позиција, вклучувајќи го и бугарското вето, сега се работи за државата“.
Што повеќе да се очекува од ваквиот однос на оваа партија кога поважно им да го симнат Заев од власт со помош на странците, оцрнувајќи ја Македонија, одошто да се заложат за Македонија во ЕУ.
Оттаму неговата главна поента од интервјуто беше да го повика Заев на тв дуел!!! Како да е тоа најважното во овој момент кога во Охрид и во Преспа се „тресе гората“ од државници, како да е нешто што не се случило досега и како да од тоа ќе зависи напредокот на државата.
Секако дека внатрешните прашања се легитимни и опозицијата, медиумите и јавноста треба да отвораат прашања, да критикуваат и да укажуваат на одредени проблеми, но и да нудат решенија.
Но за се треба да се има такт- кога нешто е важно, но кога нешто во даден момнент е поважно!
Затоа, сите оние кои се општествено и политички активни, треба да имаат природно вграден компас, за да не се изгубат попат. Или ако го немате- ќе си купите. Тоа во политиката и во бизнисот се вика ПР агенција, се викаат Советници, и се вика медиумска писменост.
Тоа е суштината, што би рекол Мицковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот