Цијанид можен, анализи нема – родителите од Кочани бараат „црно на бело“ дали нивните деца починале од отровниот гас
Родителите на дел од починатите деца во трагедијата во Кочани бараат од институциите да ја утврдат точната причина за смртта на нивните деца по сомнежите дека најголем дел од нив починале од труење со водороден цијанид кој се ослободил од горењето на полиуретанот, а според официјалниот обдукциски наод тие починале од труење со јаглерод моноксид.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
-Цијанид можен, анализи нема. Сериозен јаз меѓу институционалните тврдења и обдукциската документација отвора прашање за вистинската причина за смртта на нашите најмили. Иако во одговорот во основното јавно обвинителство се наведува дека вештачењата на Институтот за хемија и анализите на МВР и Одделот за форензички испитувања ја потврдиле веројатноста за испуштање на цијанидни гасови во последица на согорување на материјалите во клубот, клучното прашање кое останува неодговорено. Дали при обдукциите е направена конкретна токсиколошка анализа за цијанид и други отровни гасови во телата на нашите починати деца. Во обдукциските наоди како причина за смрт е наведено задушување од јаглерод моноксид меѓутоа во самиот обдукциски наод јасно се наведува дека од телата се земени и крв и урина за одредување на јаглерод моноксид како и за токсиколошката анализа при што изрично стои дека останатите токсиколошки анализи ќе бидат дополнително доставени на семејствата, ниту се содржани во конечните обдукциски наоди. Ова отвора сериозен сомнеж дека заклучокот за причината на смртта е донесен без комплетна и насочена токсиколошка анализа особено ако се има предвид дека водородниот цијанид не се детектира рутински и бара посебно специфично испитување – изјави пред денешното судење за кочанската трагедија, таткото на едно од загинатите деца, Александар Наунов.
Според него, три институции имале неспорни факти за ослободување на цијанидни гасови и тврдат дека причината за смртта не е целосно утврдена.
-Имаме три неспорни факти, Институт за хемија, МВР, ОФИ, потврда за ослободување на цијанидни гасови. Обдукцискиот наод наведува исклучиво присуство на јаглероден моноксид како причина. Обдукцискиот наод признава дека други токсиколошки анализи допрва треба да се достават. Сè додека не се објават и документираат резултатите од сите дополнителни токсиколошки анализи не може со сигурност да се тврди дека причината за смрт е целосно и точно утврдена. Ова значи дека обдукцискиот наод е нецелосен и постои основа за дополнително и независно вештачење, постои основа за правно оспорување на заклучокот оправдано и неопходно во интерес на вистината, правдата и достоинството на починатите – порача Наунов.
Минатата недела Истражувачката репортерска лабораторија објави дека обдукциските извештаи откриваат дека ниту една од 50-те жртви од пожарот во кочанскиот див ноќен клуб „Пулс“, кај кои како причина за смрт е утврдено задушување со јаглерод моноксид, немале ни приближно фатални нивоа за да умрат од тоа. Според обдукциските наоди, хемиското и градежното вештачење, како и новата линија на сведоштва на вклучените во настаните ноќта на 16 март годинава покажува дека во воздухот во клубот „Пулс“ гореле токсични материјали како што е полиуретански сунѓер, кој кога гори испушта водороден цијанид.


