„Човекот внатре“ – нашата најголема закана
Ако сакаме општество во кое животот и безбедноста на граѓаните се вреднуваат, тогаш државата, макар и минимално, мора да се однесува како држава.
Во секој агол на нашето општество, кога сакаме да завршиме некоја работа надвор од правилата, со гордост велиме: „Имам човек внатре“. Но, токму тој „човек внатре“ е оној што нè гуши. Тој е причината зошто системот не функционира, зошто правдата не стигнува до вистинските виновници, зошто нашата безбедност е загрозена секој ден.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Трагедијата во Кочани, како и многу претходни, не е само несреќа – тоа е резултат на систем што е проголтан од корупција. Систем во кој правилата се заобиколуваат за лични интереси, каде што нашата безбедност и животи се оставени во рацете на „човекот внатре“. Денес е Кочани, вчера беше Тетово, утре може да биде твојот град. Додека не ја искорениме оваа култура на незаконски влијанија, ќе продолжиме да броиме жртви и да ја обвинуваме судбината, кога всушност виновникот е пред нашите очи.
Нашата држава е погодена од многу трагедии во последните години – пожарот во модуларната болница во Тетово, сообраќајната несреќа во Бугарија, катастрофата во Ласкарци… и сега, уште една трагедија, во Кочани. Она што секогаш недостасувало е брзиот одговор и казнувањето на одговорните. Наместо тоа, сведоци сме на бесконечни истраги, политички препукувања и институционална инерција.
Но, во овој случај (Кочани) барем има апсења! Ова не смее да биде исклучок, туку правило. Сепак, важно е да се почитува презумпцијата на невиност и секој осомничен да има фер и транспарентен судски процес. Вистинската правда не значи само брзи апсења, туку и независни и темелни истраги, кои нема да остават простор за манипулации или сомнеж во правниот систем.
Кога државата функционира, одговорните се казнуваат, а правдата доаѓа без одложување. Доста беше со културата на заборав, доста со неказнивоста! Ако сакаме општество во кое животот и безбедноста на граѓаните се вреднуваат, тогаш државата, макар и минимално, мора да се однесува како држава.
Секој поединец во ова општество има одговорност – да не подлегнува на корупцијата, да не го прифаќа „човекот внатре“ како решение, туку како проблем. Време е за промена, време е за вистинска правда, затоа што утре може да биде предоцна!
(Авторот е политиколог)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


