Членовите на Советот за безбедност на ОН остро го критикуваа ставот на САД за еврејските населби

Членовите на Советот за безбедност на ОН остро го критикуваа ставот на САД дека еврејските населби повеќе не ги сметаат за кршење на меѓународното право.

Тие истакнаа дека еврејските населби се нелегални и го поткопуваат потенцијалното решавање за израелско-палестинскиот конфликт, по модел на две држави.

На месечниот состанок на Советот за безбедност на ОН за Блискиот исток, што се одржа само два дена откако американскиот државен секретар Мајк Помпео го објави ставот на САД, доминираа негативни реакции за новата американска политика.

Кувајтскиот амбасадор Мансур ал Отаиби рече дека 14 членки денеска се согласиле за соопштение за медиумите во кое се вели дека еврејските населби се нелегални, оти поддржуваат решение за две држави, создавање независна Палестина покрај Израел и резолуцијата на Советот за безбедност на ОН од 2016 година.

Не се согласи само една земја-членка – САД.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот објави дека израелските населби во Западниот брег повеќе не ги смета за кршење на меѓународното право, менувајќи го ставот на Вашингтон за ова прашање по четири децении.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео објави дека САД го отфрлаат правното мислење на Стејт департментот од 1978 година дека изградбата на населби на окупираните територии не е во согласност со меѓународното право.

Помпео пред новинари во Стејт департментот изјави дека администрацијата на Трамп верува оти сите правни прашања во врска со населбите треба да ги решаваат израелските судови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот