„Читачот“ ни препорачува топ книги од жени авторки  

Во претстојните летни денови добро е да се освежиме со добра книга.  

Александар Маџаровски, на социјалната мрежа Фејсбук популарен како „Читачот“, ни препорачува книги од писателки, достапни во продажба на македонски јазик.

Александар Маџаровски

Алис Манро, кралица на краткиот расказ

Алис Манро, од некои сметана за „кралица“ на краткиот расказ и споредувана со Чехов, е канадска писателка, добитничка на Нобеловата награда за литература во 2013 година.  Манро пишува исклучиво кратки раскази и има издадено повеќе збирки раскази од кои последната, со наслов „Мил живот (Бегемот, 2019), ја има издадено во 2012 година, по што престанува да пишува. Иако добар дел од нејзиниот живот таа била домаќинка која пишува во секој слободен момент што го има и без некаков силен политички или феминистички ангажман, сепак, ретко кој може како неа да ја долови комплексноста на меѓучовечките односи, особено меѓу мажите и жените, созревањето на жените и универзалноста на човечките емоции. Нејзиниот стил е сосема едноставен, но тоа е привидна едноставност што прикажува комплексни внатрешни состојби, а во нејзините раскази присутен е епифанискиот момент кој на крајот нè остава со подобро разбирање на луѓето и човековата состојба во светот.

Алис Манро, фото Фејсбук

Бегалка е една од нејзините најпопуларни збирки раскази, која содржи осум исклучителни раскази. Ова е книга за љубовта, за нејзините бескрајни предавства и изненадувања. И тука ги гледаме нејзините „обични луѓе“ од малите канадски села и гратчиња, жени од секакви средини и возрасти, созревањето и случајните средби кои водат кон неочекуван тек на животот. Покрај „Бегалка, од неа на македонски јазик можеме да ги читаме и „Мил живот и „Месечините на Јупитер, сите во издание на „Бегемот“ и превод на Кристина Димкова.

Олга Токарчук, една од најдобрите писателки во моментов

Олга Токарчук е современа полска писателка, веројатно една од најдобрите европски и светски писателки во моментов. Лани ја доби нобеловата награда за литература за 2018 година „за раскажувачката вообразба што со енциклопедиска страст го застапува преминувањето на меѓите како форма на живот“. Иако позната и читана во својата земја, таа го привлече светското внимание во 2018 година со добивање на наградата Букер за нејзиниот роман „Талкачи (Bieguni). Поради нејзините критики упатени кон полските десничарски власти и поставување незгодни прашања во врска со полската историја, таа од многумина во Полска е обвинувана за антиполски и антипатриотски ставови.

Олга Токарчук, фото Фејсбук

Романот „Талкачи е објавен во Полска во 2007 година, а кај нас е објавен во одличен превод на Лидија Танушевска во 2013 година во издание на издавачката куќа „Или-Или“. Тоа е, како што вели самата Токарчук, „роман-соѕвездие“, составен од повеќе од стотина нарации, размислувања, филозофски медитации, антрополошки, психолошки и историски разгледи обединети околу темите на движењето, минливоста и анатомијата на човечкото тело. Низ тој колаж од текстови што ја изразуваат љубопитноста на Токарчук и нејзиното енциклопедиско знаење, таа се занимава со феноменот на движењето, со аеродромите и психологијата на патувањето, со мобилноста и современото номадство, феномен кој никогаш во историјата не бил на ниво како денес. Ова е комплексен роман, кој бара внимателно читање, но кој се чита и како поезија, толкава е поетиката во јазикот на Токарчук.

Тони Морисон, икона на афро-американската литература

Тони Морисон, која почина лани на 88- годишна возраст, беше икона на афро-американската литература. Таа е првата афро-американка што ја има добиено Нобеловата награда за литература во 1993 година. Во нејзините романи зборува за историјата на афро-американците, за ужасите на ропството и расизмот и го истражува црниот идентитет во Америка, а особено искуствата на црните жени.

Тони Морисон, фото Фејсбук

Љубена е веројатно нејзиниот најпознат роман, објавен во 1987 година, за кој во 1988 година ја добива Пулицеровата награда. Приказна за една црна жена, која по американската граѓанска војна успева да побегне од имотот во Кентаки каде што живее како робинка и заедно со нејзината ќерка да пребегне во Охајо, каде што ќе продолжи да живее како слободна жена. За духовите од минатото што ја прогонуваат во сегашноста, за стореното злодело и за комплексноста и повеќеслојноста на ропското искуство на црнците во Америка. Со постојано движење меѓу сегашноста и минатото, Морисон на мајсторски начин ја гради приказната ставајќи ги во центарот луѓето, робовите и нивните искуства, физички и емотивни, наместо ропството како институција, и со тоа на приказната ѝ дава личен карактер кој ни помага подобро да им се приближиме и да ги разбереме ликовите. Романот на македонски можеме да го читаме во издание на издавачката куќа „Полица“ и во превод на Зоран Анчевски и Драги Михајловски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот