Чешка заработила околу 300 милиони евра од помош за Украина
Од почетокот на војната во 2022 година, Чешка испратила помош за оружје на Украина во износ од 725 милиони евра, додека преку поврат на средства од фондовите на Европската Унија и НАТО и како подарок од сојузниците добила назад 1,04 милијарди евра, објави денес чешкиот премиер во заминување Петр Фијала, објави ceskenoviny.cz.
Препорачано
Помошта испратена од Чешка вклучува старо постсоветско оружје и воена опрема од магацини што Чешка и онака би ги отфрлала, 390 предмети, вклучувајќи, на пример, тенкови, хеликоптери или борбени возила, а исто така финансирала и обука на 10.000 украински војници.
За возврат, оваа помош во оружје ѝ била делумно вратена, но се чини дека таа набавува ново оружје од фондовите на НАТО и на ЕУ, а исто така добила оружје како подарок од сојузниците, на пример од Германија во замена за стари тенкови испратени во Украина, тенкови „леопард“.
Фијала рече дека во рамките на меѓународната иницијатива „Муниција за Украина“ што ја започна Чешка, за оваа година веќе се обезбедени 1,3 милиони парчиња артилериска муниција, додека планот е за 1,8 милиони до крајот на годината.
Во таа иницијатива, чешките медијатори бараат артилериска муниција во трети земји, меѓу кои и во Србија, која потоа ја плаќаат богатите западни земји од иницијативата и ја даваат како подарок на Украина.
Премиерот Фијала рече дека Чешка инвестирала 70 милиони евра во таа иницијатива и купила муниција од чешки производител, додека другите партнери во иницијативата инвестирале 3,8 милијарди евра во набавка на муниција.


