Часовникот до самоуништување одбројува 90 секунди

Членовите на Билтенот на атомските научници ја откриваат новата позиција на Часовникот на апокалипсата

Причината за засилување на тревогата е јасна – руската воена инвазија врз Украина и заканите од Москва дека може да употреби нуклеарно оружје за да ги брани своите интереси

Светот никогаш порано не бил толку близу до самоуништување, предупредуваат водечките атомски научници, нагодувајќи ги на 90 секунди до полноќ стрелките на „Часовникот на апокалипсата“.

Стрелките на симболичниот часовник се придвижени за 10 секунди и никогаш досега не биле толку близу до полноќ, дури ни кога кулминираше Студената војна, а САД и СССР беа во војна за вооружување. Ризикот годинава се смета за исклучително голем поради војната во Украина.

Билтенот на атомските научници секоја година симболично ги поместува стрелките на Часовникот на апокалипсата за да покаже симболично колку е човештвото далеку од самоуништување. Уметникот Мартил Лангсдорф го создал метафоричниот приказ за насловната страница на Билтенот во 1947 година, две години по експлозиите на атомските бомби што САД ги фрлија врз Хирошима и Нагасаки.

Научниците ја откриваат новата позиција на стрелките / AFP / Profimedia

Првото време што го покажувал часовникот било 7 минути до полноќ. Стрелките во 1953 година се приближиле на 2 минути до полноќ откако САД и СССР ги тестирале своите термонуклеарни бомби. Тревогата била активна до 1960 година, кога поради политиката на детант на големите сили и дијалогот на американските и советските научници стрелките биле вратени назад на почетните 7 минути до полноќ. По неколку корекции, одбројувањето стигна до 3 минути до полноќ во 1984 година, кога кулминираше Студената војна и трката во вооружување, но се врати на „спокојни“ 17 минути до полноќ во 1991 година, кога Вашингтон и Москва го потпишаа договорот за намалување на стратегиското оружје, а воедно се распадна и СССР.

д 1995 година стрелката бавно, но постојано се приближува до полноќ и од 2018 година времето до самоуништување се мери во секунди, а не во минути. Од 2020 до 2023 година часовникот одбројуваше 100 секунди до полноќ, а сега 90 секунди.

Новата позиција на стрелките на Часовникот на апокалипсата / AFP / Profimedia

Причината за засилување на тревогата е јасна – руската воена инвазија врз Украина и заканите од Москва дека може да употреби нуклеарно оружје за да ги брани своите интереси. Но, водечките научници што ја одредуваат позицијата на стрелката, меѓу кои се и 13 нобелови лауреати, додаваат дека светот е во опасност и од климатските промени.

– Живееме во време на опасност без преседан и стрелките на Часовникот до апокалипсата ја рефлектираат реалноста. Тивките закани од Русија за употреба на нуклеарно оружје го потсетуваат светот на ризикот од ескалација на конфликтот. По грешка, намерно или случајно конфликтот може да избега од секаква контрола – изјави Рејчел Бронсон, претседателка на Билтенот на атомските научници.

Човек со гас маска/ Фото: Melinda Nagy / Alamy / Alamy / Profimedia

Таа истакна дека на експертите не им било лесно и побара од владата на САД, нејзините сојузници од НАТО и Украина да ги истражат во целост сите канали за дијалог за да може стрелките да бидат вратени подалеку од полноќ.

Бронсон изрази надеж дека стрелките на симболичниот часовник никогаш нема да се поклопат, иако никогаш досега не биле толку близу.

– Ако часовникот покаже полноќ, тоа значи дека веќе пресметка со нуклеарно оружје или климатска катастрофа го збришала човештвото. Не сакаме да стигнеме до тоа – вели Бронсон.

Таа додава дека целта на Часовникот не е да ја мери заканата, туку да поттикне дијалог меѓу светските лидери и да ги охрабри општествата да притискаат на нуклеарно разоружување и порешителни акции против климатските промени. Поранешниот британски премиер Борис Џонсон го спомнал Часовникот кога пред две години на самитот КОП26 во Глазгов говореше за потребата за глобална акција против климатските промени.

– Можно е со храбри и конкретни акции да ги придвижиме стрелките подалеку од полноќ. Ние во Билтенот сме убедени во тоа, бидејќи заканите се создадени од луѓето и само луѓето може да ги надминат. Тоа воопшто не е лесно и никогаш не било. Потребни се храброст, сериозна посветеност и глобален ангажман на сите општествени нивоа – истакнува шефицата на Билтенот на атомските научници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот