Цените на горивата паѓаат, медиумите молчат!

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Медиумите како да се срамат да соопштат нешто што е добро за државата и за граѓаните, од срам да не ги обвинат за блискост до власта или за пристрасност. Така самите се претворија во слуги на опозицијата без да бидат свесни за тоа.

Мора ли секогаш другите повеќе да нè ценат одошто тоа самите за себе го правиме?

Додека цените на бензините растеа (секаде), се отепавме од плачење дека само кај нас тоа се случува, затоа што само нашата Влада не носи мерки за заштита од ценовниот шок. И медиумите беа преполни со коментари за неспособноста на власта поради што мора да има избори. Ваквите ставови искажани во јавноста претежно ги декларира ВМРО-ДПМНЕ.

Но, она што чуди е што овие коментари сè повеќе стануваат и општоприфатени уредувачки позиции и на главните медиуми кои божем важат за „пролиберални“ или како себеси се нарекуваат „независни“. Во прилог на ова говори и фактот што откако владините мерки профункционираа, никој ништо не прокоментира во јавноста. Ниту опозицијата ниту медиумите. Но затоа, пак, намалените цени во оваа држава во која, за жал, многумина не веруваат, ги забележаа медиумите од соседството. Тие на своите влади им сугерираат да го применат моделот на македонската Влада. Нам ни станува чудно што како ретко кога досега Македонија е спомената во еден позитивен контекст во рамки на балканскиот медиумски простор. И ние треба да почнеме да гледаме кон себе со очите на другите. Затоа што најчесто се угледуваме на туѓото омаложувајќи го своето.

Во Македонија цените на горивата секогаш биле најниски во регионот, но и на прехранбените производи и тоа сите добро го знаат. Но овој пат во зенитот на енергетската криза како ретко кога досега македонскиот пример за намалување на ценовниот шок го споменуваат медиумите од регионот како повик до своите влади за примена на истиот модел.

Без намера да навлегувам во статистички операции за кои може да се полемизира до утре, поентата ми е дека ние сме се претвориле во нација што мисли дека живее најлошо од сите во регионот и која не знае да препознае кога нешто добро ќе ѝ се случи. За дефетистичкиот став на Македонците кон сè и сешто, голема улога имаат и медиумите што по долгото владеење на ВМРО-ДПМНЕ со Никола Груевски ја изгубија матрицата на одмерено информирање за работи од секојдневен интерес на граѓаните и се претворија во „ловци“ на афери и кога ги има и кога ги нема. Во таа „жед“ за атракција им помага опозицијата и социјалните мрежи што ги „хранат“ со секакви вербални искази не оставајќи простор за „нормална“ и кредибилна информација.

Со други зборови, медиумите како да се срамат да соопштат нешто што е добро за државата и за граѓаните, од срам да не ги обвинат за блискост до власта или за пристрасност. Но, така самите влегоа во замката од независни да се претворат во проопозициски без да бидат свесни дека креираат јавно мнение по волја на опозицијата. Тие сега се претворија во слуги на опозицијата без да бидат свесни за тоа. Освен оние кои тоа се.

 

Извор: Фронтлајн

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот