Цела група бебиња заразени со коксаки вирус во градинка во Влае

Коксаки вирус Фото: Wikimedia Commons

Дваесет и пет бебиња и мали деца од јасли од првата група во Влае во градинката „Пролет“, клон „Сончоглед“се заразени со коксаки вирус. Мајка на едно од децата кое првите симптоми ги пројавило по петокот се јави во нашата редакција со објасување дека цела група се заразени. Во општина „Карпош“ на чија територија се наоѓа градинката потврдија дека во градинката има заболено дете со вирусот и дека во моментов додека го пишувавме текстот таму се наоѓа Санитарната инспекција која ја утврдува фактичката состојба.

-Првите симптоми се појавија минатата недела и скоро сите мислевме дека е алергија. Моето дете се разболе во петокот. Детето се исфрли целото по телото со красти по нозете и рацете. Матичната докторка потврди дека се работи за коксаки и сите родители во групата беа известени. Денес во градинка се само 4 деца- вели мајката на детето која се јави во редакцијата. Таа објаснува дека нема никаква хигиена во градинката.

– Целиот проблем се провлекува од перидот на ковид. Нашите деца од надвор со чевли влегуваат директно во занимална. Не одат преку главниот влез каде што можат да се соблечат во топлинки- вели мајката. Според неа денес во градинката се прави дезинфекција, во градинка биле само четири деца од нивната група и тие биле сместени со други поголеми деца. Таа стравува дека вирусот може да се прошири. Јa побарала директорката, но и покрај ветувањето дека ќе се јави до моментот додека зборувавме никој од градинката не ја известил за состојбата со заразата.

Од општина Карпош потврдија дека имаат коксаки вирус но тврдат дека е пријавено само едно дете.

– Санитарната инспекција прави контрола во моментов. Пријавено е само едно дете, не станува збор за група- велат во општината.

Тие демантираат дека причина за коксаки е нехигиена во градинките.  Експертите велат дека коксаки вирусите се едни од најмалите ДНК-вируси што можат да предизвикаат разни заболувања кај луѓето, особено кај децата. Постојат два вида на овој вирус – тип А и тип Б. Вирусот коксаки од типот А е многу посилен според дејството. Вирусот од тип Б, иако според дејството е послаб, се смета за потенцијално поопасен бидејќи може да го нападне срцевиот мускул и да предизвика инфекција со тешки и долготрајни последици.

Во Министерството за труд и социјала ни рекоа дека дополнително ќе проверат дали има пријавени заразени деца со коксаки.

Коксаки од тип А се нарекува и болест на рацете, стапалата и устата, додека вирусот од тип Б најчесто предизвикува главоболки, треска, болки во стомакот и белодробни тегоби. И двата вида коксаки можат да предизвикаат и воспаление на мозокот и воспаление на срцевата обвивка.

Коксаки се пренесува единствено преку фекално-орален пат, па затоа и се нарекува „болест на нечисти раце“. Вирусите се излачуваат преку столица и се внесуваат орално (преку уста), односно преку нечисти раце кои не се добро измиени при случаен допир на фецес или столица во која ги има. Тоа најчесто се случува при менување пелени, чистење детски нокшири или тоалетни школки. Не значи дека ќе се разболи секој што ќе дојде во контакт со коксаки вирусите. Над 90 отсто од инфекциите со коксаки поминуваат без никакви симптоми, и во тие случаи се работи за клинички неманифестирани инфекции. Но, инфекции од овие вируси предизвикуваат менингитис, миокардитис и перикардитис. Тие може да се развијат кај пет до 10 отсто од заразените.

За болеста нема ниту вакцина ниту лек, се чека таа сама да помине, а се третираат симптомите. Контагиозноста, т.е. заразноста е висока.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот