Цел месец „епидемија со голема кашлица на автопилот“: Ниту едно невакцинирано дете не е вратено од градинка

Рената Младеновска/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Еден месец во Скопје има епидемија на голема кашлица, а во градинките неконтролирани од ниту една надлежна институција одат и вакцинирани, и невакцинирани и делумно вакцинирани деца. Додека бројот на новозаболени во Скопје расте, институциите пропаѓаат во вителот на административни процедури што не ги завршиле на време.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат цел месец откако е прогласена епидемијата на пертусис во Скопје, нема направено ниту еден вонреден инспекциски надзор со цел да спречи невакцинираните деца да не се појавуваат во градинките. Правеле само редовни контроли да видат дали градинките се чисти.

Во предизборниот период, еден месец здравствените власти не ризикуваат да изречат мерка забрана за посета на градинка додека на прес-конференции известуваат дека бројката на новозаболени галопира, особено во Скопје. Реална и суштинска контрола и забрана невакцинираните деца да не посетуваат градинки воопшто на терен не постои. Единственото што досега е правено е да им се даваат парични казни на несовесните родители што одбиваат да ги вакцинираат своите деца според редовниот календар за имунизација, што како што признава и директорката на ДСЗИ Рената Младеновска – не го решило проблемот.

Вакциналните пунктови им испраќаат на здравствените инспектори списоци на невакцинирани и нецелосно вакцинирани деца. После тоа инспекторатот ги повикува родителите на овие деца да им врачи глоба од 300 до 650 евра.

-Имаме доста казнувано. Како што вакциналните пунктови ни ги испраќаат списоците на родители со име и презиме на децата, со лични податоци, ги повикуваме родителите на порамнување. Како завршуваат овие казни е побитно прашање. Дел од родителите ја плаќаат казната, но детето останува невакцинирано. Има родители што не сакаат да ја платат казната, па судот им дава опомена и плаќаат судски трошоци, изјави директорката на ДСЗИ Младеновска.

Како да не е доволен еден загубен месец, Државниот здравствен и санитарен инспекторат уште нема добиено писмена одлука од министерот за здравство доктор Илир Демири, да почне да оди во вонредни инспекции во градинките откако тоа вчера го препорача Комисијата за заштита на населението од заразни болести и да спречува невакцинираните деца со Ди Те Пер вакцината да посетуваат предучилишни установи. Уште на 9 февруари Центарот за јавно здравје Скопје прогласи епидемија, а два дена претходно Комисијата за заразни болести препорача во градинките да не се примаат невакцинирани деца со Ди Те Пер вакцината. Четири недели подоцна надлежните не можат да се координираат да вршат проверка на ситуацијата на терен.

Ди Те Пер вакцината се прима на два, четири, шест, осумнаесет месеци и на седум години.

„Слободен печат“ се обрати во Министерството за труд и социјална политика со прашања дали тие досега имаат забрането некое невакцинирано дете да посетува градинка и добивме одговор дека контроли се прават, ама нивните инспектори, за разлика од оние на Здравствениот инспекторат – не се доктори. Тие одат, прегледуваат дали родителот кога го запишувал детето во градинка приложил и вакцинален картон. А дали сите вакцини внатре се примени, не проверуваат ниту пак знаат како да утврдат бидејќи не им е работа.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат е телото што треба да го проверува вакциналниот статус на децата во градинките, ама за тоа му треба наредба  од министерот Демири што ја немаат. Така невакцинираните деца во градинките одат без ничија контрола, нивните родители плаќаат или не плаќаат казни, а контролниот механизам е комплетно изгубен.

Министерот е над сите нас и треба да донесе одлука дали ДСЗИ да врши вонредни инспекциски надзори исто како што беше во 2019 кога имавме епидемија од морбили. Согласно законот за заштита на населението од заразни болести ДСЗИ ќе врши вонредни инспекциски надзори и ќе забрани прием на деца кои не се вакцинирани со Ди Те Пер вакцина тогаш кога препораката на Комисијата за заразни болести ќе биде прифатена и ќе ни се наложи да ги вршиме овие вонредни инспекциски надзори во предучилишни установи, односно проверка на тие вакцинални статуси на децата и дали е примена Ди Те Пер вакцината, додаде Младеновска.

Месецов здравствениот инспекторат ќе врши редовни инспекциски контроли на вакциналните пунктови во државата, во здравствените домови и ќе ја проверуваат опремата и просторот од санитарно-хигиенски аспект, дали има анти-шок терапија, дали уредно се води евиденција за секое дете кое се вакцинира.

Во земјава досега се регистрирани 123 заболени лица со голема кашлица од кои 109 случаи се во Скопје.

Големата кашлица е предизвикана од бактеријата „бордатела пертусис“ и е многу заразна респираторна болест позната по силните напади на кашлање. По овие напади, болните често мора да земат длабок здив. Инфекцијата се шири низ респираторниот тракт кога заразеното лице кашла или кива. Луѓето во близина можат да ги вдишат овие капки и да се заразат. Големата кашлица ги погодува сите возрасти, но кај возрасните обично е поблага и се опишува како 100-дневна кашлица што може да се лекува. Но, кај децата тоа може да доведе до компликации како воспаление на белите дробови, отежнато дишење и напади.

На 15 март се очекува да пристигнат првите вакцини против голема кашлица за возрасни во земјава. Тие ќе бидат наменети само за возрасните што живеат во семејства со деца под 2 години, вработените кои работат со деца под 2 години, како и жените бремени во третиот семестар од бременоста.

Цел месец „епидемија со голема кашлица на автопилот“: Ниту едно невакцинирано дете не е вратено од градинка

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот