Царината не попушта: Истекуваат рокови, возилата со странски таблички мора да се царинат за да се возат во Македонија

Царина/ Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Откако македонски граѓани реагираа дека од страна на царинските службеници на граничните премини претежно кон Бугарија не им бил дозволен влез со нивно возило со странски регистарски таблички, а на други излез со возилото, со напомена дека нема да можат со него да влезат во РСМ, па „Слободен печат“ се обрати до дежурната екипа на Царинската служба за објаснување за овој потег.

-Се работи за граѓани кои имаат двојно државјанство – македонско и бугарско, со престој и тука и таму  и тие го искористија тоа за да купат возила во Бугарија и да ги возат во земјава. Но пред година дена беше донесен закон со кој ќе мора да го одјават местото на живеалиште во Македонија доколку сакаат и натаму да го возат возилото со странски таблички во земјава. Во спротивно, ако го задржат живеалиштето во РСМ и сакаат да го возат возилото треба да го оцаринат. Не може возилото да стои на две столици, ни изјавија од Царинската управа.

Тоа што претходно низ државава се возеа возила со странски, претежно бугарски и албански регистарски таблички од лица со двојно државјанство и живеалиште во соседните држави беше чисто заради избегнување на царинските давачки и сега имаат можност возилата да ги оцаринат како регуларен увоз и да добијат македонски таблички и да продолжат да ги користат низ државата, објаснија кратко од Царина и најавија подетални информации за утре.

Во соопштението кое денеска го објави Царинската управа стои дека “привремен увоз значи царинска постапка според која одредена стока, вклучувајќи и транспортни средства, може да се внесе во царинското подрачје со целосно ослободување од плаќање увозни давачки и повторно да се извезе во одреден рок во непроменета состојба, при што условите и начинот на одобрување е регулиран со Конвенцијата за привремен увоз – Истанбулска Конвенција, одредбите од Царинскиот закон(членови 150-157) и одредбите од Уредбата за спроведување на царинскиот закон (членови 367-374)“.

Според чл. 150 од Царинскиот закон со постапката на привремен увоз се овозможува употреба на странска стока во царинското подрачје, со целосно или делумно ослободување од плаќање на увозни давачки и без примена на мерки на трговска политика, ако истата е наменета за повторен извоз во непроменета состојба, освен вообичаеното намалување на вредноста заради нејзината употреба“.

Понатаму во членот 153 стои дека „Царинскиот орган го определува рокот во кој увозната стока мора да биде повторно извезена или за неа да биде одредено ново царински дозволено постапување или употреба на стока. Тој рок мора да е доволно долг за да се исполни целта на привремениот увоз. Стоката може да остане во постапка на привремен увоз најдолго 24 месеца. Царинскиот орган, во зависност од случаите, може да одреди и покус рок“.

Од Министерството за внатрешни работи за овие случувања на граничните премини соопштија дека „согласно Законот за гранична контрола, граничните проверки се  спроведуваат на граничните премини со цел да се провери дали да им се одобри на лицата и нивните превозни средства и предметите што ги поседуваат да влезат на територијата на Република Северна Македонија или да им се одобри да излезат од неа. На лица и возила, вклучувајќи ги и возилата со странски регистарски таблички им се дозволува непречен влез и излез од државата секогаш кога се исполнети законските услови за тоа, за што говори и бројот на странски возила кои на дневна/неделна/месечна основа остваруваат влез и излез од Република Северна Македонија. Во делот на националното законодавство кој ја регулира граничната контрола нема законски измени и дополнувања во последниот период”, соопшти МВР.

Од таму додадаваат дека на барање на Царинската управа, а во рамки на меѓусебната, полициско – царинска соработка, МВР презема и дополнителни мерки како поддршка во спречување на кривични дела и прекршоци и од областа на царинското работење.

-Во таа насока, доколку постојат одредени индиции, МВР може да изврши дополнителни проверки на возила со странски регистарски таблички управувани од страна на македонски државјани, но тоа во никој случај не значи дека возила со странски регистарски таблички не може да влезат во земјата, за што говорат и статистичките податоци”, додаваат од МВР.

Како и да е, од потегот на Царината најмногу ќе бидат засегнати илјадници македонски граѓани со двојно државјанство кои поволноста за привремен увоз ја искористија да возат возила купени од Бугарија, па сега ќе мора да платат царина ако сакаат да ги задржат и возат низ државава.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот