Цаца Николовска: Уставните измени воопшто нема да го загрозат македонскиот идентитет и јазик

Маргарита Цаца Николовска - судија / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Претседателката на работната група за уставни измени, Маргарита Цаца Николовска вели дека уставните измени воопшто нема да го загрозат македонскиот идентитет и јазик. Внесувањето на Бугарите и другите народи сега наведени во Преамбулата како дел од народи, Николовска појаснува дека е резултат на проширување на листата, а основ за тоа е и дадената можност во самиот текст во Уставот, односно Преамбулата зборот „и други“.

Во интервју за МИА, претседателката на работната група за уставни измени посочува дека што се однесува до реципроцитетот со промена во бугарскиот Устав е доведен во прашање заради различитите правни системи по прашање на постоење на малцинства. Во Европа, а и пошироко, таа додава дека ова прашање е различно третирано.

Ние како држава одамна сме прифатиле пошироко елаборирање на ваков пристап, полиберален пристап кон овие прашања и сме позитивно оценети како либерална држава што е секако за пофалба. Менувањето на овој пристап сега секако не оди кон демократскиот и либералниот пристап. Не прифаќањето на ова и менувањето води само кон евентуално уназадување на таа демократија. Немаме многу време да елаборираме во што се состои неприфаќањето и во што евентуално би требало наназад да се враќаме, меѓутоа во секој случај битно е да се напомене – негирањето на македонскиот идентитет и јазик од страна на Бугарија секаде беше негативно оценет. Треба да се додаде дека и во Бугарија имаше негирање на официјалната политика на Бугарија и имаше признавање на македонскиот идентитет и јазик и опонирање на официјалната политика на Бугарија – изјави Николовска.

Состојбата во која во моментов се наоѓа Северна Македонија во однос на уставните измени, Николовска вели дека е однос меѓу државава и Европската Унија, а не Бугарија.

Значи, странки во овој процес се Република Северна Македонија и Европската Унија. Однесувањето на опозицијата за целокупното негирање на потребата од уставните измени само со оправдување дека станува збор за бугарски диктат или притисок имајќи предвид на укажаниот однос на нашата држава и ЕУ, е сосема неоснован – додава таа.

Седницата за уставните измени утре ќе ја отвори претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој по функција е претседател собраниската Комисија за уставни прашања. По усвојувањето на дневниот ред Предлогот треба да биде образложен од страна на предлагачот, по што се очекува да се отвори дебата од страна на пратениците. Пратеничките групи најавуваат дека ќе го искажат својот став во однос на промената на Уставот односно Преамбулата, вклучувајќи ги и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. За МИА од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека пратениците ќе учествуваат во дебатата, каде јасно ќе ги кажат аргументите против уставните измени и набргу ќе стане јасно дека за нив власта нема мнозинство.

Интервенциите во Уставот се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78, при набројувањето на деловите од народи во државата. Во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот