Бунтовниците од 6 јануари очекуваат Трамп да им ги прости гревовите

Во нападот врз Капитол хил учествуваа повеќе од 2.000 симпатизери на Трамп - Фотографија ЕПА, Џим Ло Скалцо

Трамп на почетокот на кампањата уште во март објави дека една од првите работи што ќе ги направи како претседател, ќе биде да ги ослободи „неправедно затворените“ учесници во бунтот, кои ги нарече „заложници од 6 јануари“

Меѓу Американците што најрадосно ја прославија победата на Доналд Трамп на претседателските избори се и лицата осудени на затворски казни поради учество во насилниот бунт во Вашингтон на 6 јануари 2021 година и упадот во Капитол хил.

– Помилувањето ќе промени животи – изјави за Би-би-си Дерик Еванс, кој ја отслужил својата казна за учество во бунтот.

На 6 јануари, денот кога Изборниот колеџ требаше да ја потврди победата на Џо Бајден на претседателските избори во 2020 година, група од околу 2.000 демонстранти на сила упаднаа во Капитол хил за да спречат „изборен фалсификат“. Симпатизерите на Трамп го споделуваа неговиот став дека институциите „му ја украле“ победата. Трамп до денес не признава дека ги загубил изборите од Бајден во 2020 година.

Еванс бил приведен поради учество во нападот и со обвинителството склучил спогодба да признае вина за полесно обвинение, поради што бил осуден на три месеци во федерален затвор. Многу други учесници во нападот сѐ уште ги отслужуваат казните. Се спроведуваат истраги и неколкумина осомничени биле приведени само неколку дена пред изборите на 5 ноември.

Трамп на почетокот на кампањата уште во март објави дека една од првите работи што ќе ги направи како претседател ќе биде да ги ослободи „неправедно затворените“ учесници во бунтот, кои ги нарече „заложници од 6 јануари“.

– Апсолутно ќе го направам тоа. Ако се невини ќе ги помилувам – повтори Трамп во јули.

Тој потоа навести дека нема да спроведе „општо помилување“, туку неговиот тим ќе отвора случај по случај.

– Имам намера да помилувам многумина од нив. Не велам секој од нив, бидејќи неколкумина веројатно излегоа од контрола – изјави Трамп за Си-ен-ен во време на кампањата.

Од околу 2.000 учесници на нередите, близу 600 се обвинети за напад или давање отпор кон полициски офицери. Најдолги затворски казни им се изречени на лица што воопшто не упаднале во Капитол хил – на основачот на групите Чувари на заклетвата и Горди момчиња. Тие беа осудени за планирање и организирање на насилниот упад. Федералното биро за истраги пред една недела објави дека сѐ уште трага по деветмина осомничени за напади врз полицајци. Многумина обвинети што се на суд побарале да им се одложат рочиштата, во надеж дека новиот претседател ќе ги прекине процесите.

Се очекува дека Трамп ќе настојува да ги помилува лицата што не се осудени за насилство при упадот, како Дерик Еванс. Тој, пак, вели дека помилувањето не е „доволна компензација“ за времето што тој лично и другите го поминале во затвор.

– Мислам дека треба да има и некаква отштета – вели Еванс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот