Бугарија МНР/ фото: ЕПА

Бугарското МНР: Планот за правата на малцинствата беше напишан на англиски јазик, а не на македонски

Бугарија изрази загриженост во врска со изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за Акцискиот план за правата на малцинствата и заедниците подготвен од македонската влада, пренесуваат бугарските медиуми.

Од бугарското Министерство за надворешни работи утрово беше објавено соопштение во кое се вели дека Бугарија со загриженост ги забележува „најновите измислени тези на властите во Скопје, кои драстично се разликуваат од суштината на Европскиот консензус од 2022 година“.

„Прашањето на кој јазик треба да биде Планот за права на заедницата, очекуван од Северна Македонија, е внатрешно во соседната земја и не е тема на билатерални односи. Документот ќе се применува од неговите институции на сопствените граѓани и логично е да биде на јазик достапен за нив. Изборот на Скопје да го претстави нацртот на овој план на своите граѓани на англиски јазик е тешко да се објасни, особено ако е планирано навистина да се спроведе Планот”, стои во ставот на бугарското МНР.

Реакцијата на официјална Софија следи по изјавите на премиерот Христијан Мицкоски викендот, кој рече дека Акцискиот план бил завршен уште пред неколку месеци, со вклученост на европски експерт, но оти Софија го одбила, покажувајќи на тој начин дека проблемите што Бугарија ги има со нашата земја се подлабоки и немаат врска со исполнувањето на Копенхашките критериуми за членство во ЕУ.

„Така направивме, го дадовме ден однапред. Е сега им сметало што е на македонски јазик. Во меѓународна употреба, согласно Уставот, официјален јазик е македонскиот јазик. Јас не можам како претседател на Влада, ниту пак министерот, да го кршиме Уставот. Ако мислат дека ќе го испратиме на друг јазик – ние немаме друг јазик. Согласно Уставот тоа е македонскиот јазик. Тие уште еднаш покажуваат дека проблемот нема врска со малцинство или Бугари во Устав. Имаат многу подлабоки корени нивните барања и многу подлабоки се проблемите. И уште еднаш покажуваат дека нивната намера е сосемна поинаква“, рече премиерот Мицкоски.

Според Мицкоски, Бугарија е единствената земја членка на ЕУ што има забелешки на документот, а тие, како што кажа вчера, се однесуваат на тоа што Планот е напишан на македонски јазик.

Во соопштението на бугарското МНР се додава дека Планот за правата на заедниците е чекор што треба да следи по внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, што сè уште претостои да биде направено и што ќе ѝ овозможи на Македонија да ги отвори преговорите за пристапување.

Бугарското МНР ги поздравува зборовите на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека „во Планот ќе бидат внесени сите други забелешки“ на бугарската заедница и оти сметаат дека тој ќе си го одржи ова ветување кон нив.

„Истовремено, ги поздравуваме зборовите на премиерот Христијан Мицкоски дека `ќе ги прифати во Планот сите други забелешки` на бугарската заедница и очекуваме да го исполни ова ветување кон нив“, се додава во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот