Бугарските клубови не се спорни, ама треба да ги почитуваат чувствата на Македонците, вели Пендаровски

Стево Пендаровски, претседател на РСМ/Фото: Слободен печат

За претседателот Стево Пендаровски постоењето на бугарските клубови во земјава не е спорно, но смета дека тие треба да се усогласат со законот за здруженија во однос на нивните имиња, за што течат роковите.

-Немаме ние потреба да измислуваме начин, затоа што постои закон кој што го донесовме неодамна во нашиот Парламент, со поддршка и на власта и на опозицијата и тоа прилично брзо за македонски услови. Се согласивме околу клучната содржина. Рокот за усогласување во однос на имињата на клубовите тече, само треба да се почитува законот без да се измислуваат нови механизми за постоење на тие клубови. Тие треба да постојат, меѓутоа треба да ги почитуваат и чувствата на Македонците, на сите македонски граѓани, на сите луѓе кои живеат во Македонија, а најдобар начин за тоа е да дадат имиња на клубовите кои немаат никаква врска со фашистичкото минато, рече Пендаровски на новинарско прашање за коментар за изјавата на шефот на дипломатијата Бујар Османи за бугарските клубови во земјава со контроверзни имиња.

Инаку, со усвоените измени на Законот за здруженија и фондации се оневозможува отворање здруженија и фондации чии програми, цели, дејности и дејствувања се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на земјава, кон поттикнување и повикување на воена агресија, како и кон разгорување национална, расна, верска омраза. Веќе регистрираните здруженија, фондации согласно измените, се должни во рок од три месеци од стапување во сила на законските измени, да го усогласат своето име и/или назив, цели и дејности согласно наведените одредби, во споритивно се бришат од Централниот регистар, за што министерот за правда донесува одлука.

Што се однесува до честите провокации кои доаѓаат од Бугарија, Пендаровски рече дека тоа не дава надеж за креирање поволен амбиент меѓу двете земји.

– За жал, тоа е една континуирана политика во изминатите две години, ништо ново. Она што е добро, позитивно во целиот тој галиматијас на негативни вести кои доаѓаат од нашиот исток, е тоа што официјалните државни органи, официјалните бугарски политичари и министри, се држат до една коректна реторика, барем засега. Меѓутоа, за жал овие други изјави не даваат шанса за надеж да помислиме дека може да се креира амбиент во кој работава радикално ќе се сврти на подобро. Не би требало да ги има, реагираме на секоја таква провокација по дипломатски пат преку нашето МНР, но повторувам добро е да се држиме до официјалните позиции на претседателот, премиерот иако е таму техничка влада добро е да разговараме што нам ни порачуваат техничките министри, изјави Пендаровски кој учествуваше на панел-дискусија под наслов „Човековите права од образовни перспективи“ на Меѓународниот Балкански Универзитет во Скопје по повод 10 декември – Денот на човековите права.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот