Бугарите го пуштија амбасадорот Ангелов да се врати во Скопје

Фото: БНТ/принтскрин

Бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов им се враќа на своите дипломатски должности во Македонија во полн капацитет, откако минатата среда беше повлечен во Бугарија, потврдија од Министерството за надворешни работи во Софија.

По седницата на Комисијата за надворешна политика во бугарскиот парламент на 25 јануари, техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија Николај Милков најави дека нивниот амбасадор Ангелов ќе биде повлечен од Скопје и ќе остане во Софија сѐ додека, како што рече, не биде регистриран напредок во однос на третманот на македонските граѓани со бугарска самосвест во нашата држава. Одлуката на бугарските власти дојде откако во Охрид беше претепан 21-годишниот Христијан Пендиков, за кој беше речено дека е секретар на бугарскиот клуб во Охрид. Властите во Софија тврдат дека тој бил нападнат поради тоа што јавно кажувал дека е Бугарин, иако тоа треба допрва да го утврди истрагата. Пендиков пред само еден месец бил фатен со кокаин во селото Лескоец кај Охрид, а медиумите пишуваа дека бил нападнат од познати охридски насилници. Еден од напаѓачите, според медиумите, имал бугарски пасош.

Од бугарското МНР тогаш информираа дека „целта на консултациите е да се разговара за можностите за запирање на опасниот тренд на зголемен притисок врз граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест и за изгледите за понатамошен развој на билатералните односи”.

Од нашето МНР еден ден подоцна соопштија дека со внимание ги следат изјавите и активностите кои доаѓаат од Република Бугарија и со жалење констатираа дека „последните активности на официјална Софија не се во согласност со договорената практика за унапредување на меѓусебните односи и напротив, тие претставуваат потклекнување кон провокациите на оние кои сакаат да ги нарушат напорите на двете Влади за стабилен и позитивен развој на односите меѓу двете земји“.

Инаку, откако премиерот Димитар Ковачевски во петокот и неговиот бугарски колега Галаб Донев во телефонски разговор се заложија за мирно и безбедно чествување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари, денеска во посета на земјава беше бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, кој со својот македонски колега Оливер Спасовски порачаа дека нема да се дозволи никаков инцидент на одбележувањето на раѓањето на Гоце Делчев во сабота.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот