Софија времено го повлече амбасадорот Ангелов од Скопје и најави прекинување на меѓудржавните проекти со Македонија

ФОТО-BTA : Вршител на должноста министер за надворешни работи на Бугарија Николај Милков

Бугарскиот амбасадор во Македонија, Ангел Ангелов, останува во Софија додека нема знаци на промена во земјава, а официјална Софија ќе ги прекине сите меѓудржавни проекти со Северна Македонија, објави бугарскиот технички министер за надворешни работи Николај Милков.

Милков и Ангелов денеска беа сослушани во собраниската Комисија за надворешна политика, а во изјава за медиумите Милков рече дека „ако Северна Македонија продолжи да се однесува така, можно е повторно Бугарија да стави вето“, како и дека „е цинично да се спроведуваат проекти со Северна Македонија додека Христијан Пендиков лежи в болница”.

-Македонија, за да продолжи по својот европски пат, мора да ги почитува преземените обврски во рамки на европскиот предлог. Нема потреба Бугарија да прави ништо, туку да обезбеди почитување на обврските што Македонија ги презеде. Во самиот предлог нема рокови, тие може да не ги исполнат со децении, што значи дека нема да почнат преговори, изјави Милков.

Тој во изјавата додаде дека Софија останува отворена за дијалог ако се разгледуваат проекти за заштита на Бугарите во Северна Македонија и тие ќе бидат на дневен ред.

 – Ако тоа не се случи можеме да ги стопираме сите други меѓувладини проекти, предупреди Милков.

Според него, не може Пендиков да лежи в болница и да добива закани по живот. Тоа, како што вели министерот, говори за целосна неказнивост и убедување дека македонските власти нема да ги идентификуваат одговорните за нападот врз Пендиков.

-Во рамките на сите меѓународни организации, во ЕУ ќе се покрене прашањето, во ОБСЕ, како и во Советот на Европа. Работите не може да продолжат така како досега. Треба да биде јасно дека нештата треба да се промена, ние ќе разгледаме редица компоненти и елементи на нашата билатерална соработка, вели Милков.

Во однос на изјавата на македонскиот претседател Стево Пендаровски околу предлогот за забрана за влез на бугарски граѓани на чествувањето на раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари во Скопје, тој додаде дека Министерствата за внатрешни работи треба да ги решат тие прашања, за да се избегнат такви провокации.

За временото повлекување на бугарскиот амбасадор Ангелов од Скопје, Милков рече дека тој ќе биде во Софија додека не се видат знаци на промена.

-Тоа е знак на тврдиот однос дека не може така да се продолжи. Изјави има многу, но сакаме дејствија, односно казни за луѓето кои извршиле престапи против Бугарите во Северна Македонија, додаде Милков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот