Бучковски вели дека актуелниот парламентарен состав на заминување ќе го смени Уставот

Фото: принсткрин

Актуелниот парламентарен состав, пред заминувањето, ќе ги направи измените на Уставот потребни за во највисокиот правен документ да бидат внесени Бугарите, вели поранешниот премиер и поранешене специјален претставник на Владата во спорот со Бугарија, Владо Бучковски.

Тој во изјава за неделникот Фокус вели дека опозицијата “отиде предалеку“ со, како што вели, “манипулациите и фаталистичките прогнози за асимилација и бугаризација“.

„На моменти имав впечаток дека сме во 2003 или во 2004 година, кога со груби манипулации и фаталистички прогнози за федерализација на Македонија го попречуваа имплементирањето на Охридскиот рамковен договор и носењето на новиот Закон за територијална организација на локалната самоуправа. Реално, сега и ним им е тешко да се вратат назад, ќе треба да помине време, година, година и пол“, вели Бучковски.

Тој додава дека со истекот на овој временски период, потребен за да ја подготват излезната стратегија и да се заборават дел од нивните сегашни ставови и зборови, сегашната опозиција ќе поддржи уставни измени.

Според Бучковски, шансите за избори наесен се минимални, но, како што нагласува тој, се очекува есента 2023 година ВМРО-ДПМНЕ „да ја смени плочата пред отпочнувањето на процедурата за уставни измени“.

„Овој парламентарен состав на заминување ќе ги направи измените на Уставот. Би било рационално ВМРО-ДПМНЕ пред изборите да си отвори простор за соработка со партиите на Албанците, но и да се претстави на меѓународниот фактор како одговорна, прозападна партија, која претендира да биде сериозна алтернатива на сегашната владејачка коалиција“, вели Бучковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот