Британија: Авганистанец кој се закани дека ќе го убие Фараж осуден на 5 години затвор
Авганистански имигрант кој се закани дека ќе го убие Најџел Фараж, лидерот на популистичката партија „Реформа Велика Британија“, е осуден на пет години затвор, објави Гардијан.
Препорачано
Фајаз Кан на судењето минатата недела беше прогласен за виновен од порота во лондонскиот Крунски суд Саутерк по едно обвинение за смртна закана против Фараж, поради видео објавено на Тикток во октомври 2024 година.
На 12 октомври, Фараж објави видео на Јутјуб насловено како „Патувањето на еден нелегален имигрант“, во кое се осврна на Кан и други „млади мажи на воена возраст кои доаѓаат во нашата земја и за кои знаеме многу малку“, како што рече тој.
Обвинителот му рече на судот дека Авганистанецот одговорил со видео во кое вели: „Не ме познаваш. Дојдов во Англија затоа што сакам да се оженам со твојата сестра. Не ме познаваш. Не зборувај повеќе за мене. Избриши го видеото. Доаѓам во Англија. Ќе пукам, пукам, пукам“ , правејќи гест со пиштол во главата.
Авганистанскиот имигрант, исто така, покажа тетоважа од АК-47 (Калашников) на лицето за да „нагласи дека не се шегувал“, нагласи обвинителот.
Фараж во своето сведочење рече дека видеото на Кан било „прилично застрашувачко“, додавајќи: „Со оглед на неговата близина до оружјето и неговата љубов кон него, бев навистина загрижен.Вели дека ќе дојде во Англија и ќе ме застрела“, нагласи тој.
На поротниците им беа прикажани и други видеа објавени од Кан на социјалните мрежи, во кои тој се чини дека прави „поп, поп, поп“ и гестови слични на оние во видеото на Тикток, во кое се однесува на Фараж.


