Брендирањето на државата – клуч за повеќе странски инвестиции

Промоцијата на Северна Македонија како земја со поволни услови за инвестирање е една од иницијалните начини да се заинтересираат потенцијалните инвеститори за неа. Познавачите во оваа сфера велат дека земјава како мала и зависна економија мора да се промовира многу повеќе од други држави кои се поголеми, поразвиени и етаблирани како алтернативни локации за инвестирање и проширување. Доколку не се промовира и не се работи проактивно на директните контакти со компаниите, како што посочуваат, државата не може да се најде во фокусот на интерес кај странските инвеститори. Недостасува, велат тие, брендирање на државата – унифициран country branding.

Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, пак, е задоволна од новата практика и пристап во работењето воведени пред две години за што, посочуваат, потврда се бројките односно договорите од над 650 милиони евра инвестиции во последните две години.

– Несомнено, промоцијата е важна и таа треба да се прави. Но, она што ми е мене важно е дека сите понатамошни активности поврзани со промоција мора да имаат јасна целна група и јасна економска оправданост, вели директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски.

Претседателот на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство и потпретседател за владини односи на групацијата „КОСТАЛ“, Виктор Мизо пак посочува дека немаме активно промовирање на државата на меѓународен план и оти многу земји попознати од нас, се рекламираат како инвестициски бизнис дестинации.

– Дури и Јужна Кореја се рекламира, иако во светот сите знаат кои се нивните технолошки и технички знаења и достигнувања. Египет, Мароко, Србија, Индонезија, Турција – некои од овие земји имаат и над 100 милиони луѓе и бруто домашен производ од над трилион долари, но сепак сеуште сметаат дека на еден или друг начин тоа промовирање е неопходно за да се позиционираат на светската мапа за водење бизнис и привлекување инвестиции. Но јас тврдам дека северно од Виена и јужно од Истанбул, многу малку луѓе знаат за Македонија, а посебно поврзано со бизнис и со потенцијални инвестиции, вели Мизо.

Сличен став дели и поранешниот промотор Дејан Величков, кој сега е дел од тимот на канадската Агенција за промоција и привлекување инвестиции Invest Canada, забележувајќи дека не се вложуваат организирани напори преку директни контакти во таргетирани странски компании за да се позиционира земјата како опција при евентуална експанзија.

– Македонија како мала и непозната држава потребно е да се промовира многу повеќе од други држави кои се поголеми, поразвиени и кои се веќе етаблирани како алтернативни пазари за проширување. На пример, овде во Северна Америка, никој не ја познава Македонија и ако не се работи проактивно со директни контакти во компаниите каде има потенцијал за нови инвестициски проекти, едноставно Македонија нема да се најде во нивните анализи како опција, смета Величков.

Тој забележува дека државата во последните години не работи на проактивно промовирање на земјата во однос на привлекување странски инвестиции.

– Тоа лесно може да се провери ако само се види бројот на организирани посети на странски компании во Македонија за инвестициски проекти во изминати неколку години во споредба со периодот каде странските инвестиции беа поголем приоритет на институциите во државата, посочува Величков.

Директорот на ТИРЗ е согласен дека промоцијата е важна и треба да се прави, но, посочува дека сега Дирекцијата со значително помали финансиски средства од претходно, продолжува со таргетирана кампања во странски медиуми. Акцентот, сега, се става на тоа компаниите да зборуваат за искуството со државата.

– Ниту од блиску не може да се споредат парите, кои се потрошиле тогаш и сега за ваков тип на промоција. Можеби за дел од средствата потрошени во тој период и може да се најде некаква економска оправданост пред се гледано преку компаниите кои склучиле договори. Несомнено, промоцијата е важна и таа треба да се прави. Но, она што ми е мене важно е дека сите понатамошни активности поврзани со промоција мора да имаат јасна целна група и јасна економска оправданост. Економската оправданост пред се треба да се огледа во тоа што добива државата за секое евро што го потрошила за таа намена, вели Деспотовски.

Според Мизо, потребно е светот да слушне за нашите бизнис потенцијали. Навраќајќи се на периодот пред 15-тина години кога почна процесот на привлекување инвестиции, Мизо посочува дел од компаниите кои се одлучиле да инвестираат кај нас, разбрале за можностите за инвестирање од рекламите.

– Сето она што значеше промоција на државата креираше еден вид препознавање и презентирање на Македонија. Имавме и директно коментари од компании како дознале за нас. „Кемет“ потврдија дека нивниот извршен директор ја видел рекламата за Македонија на CNN, додека бил во хотелска соба во Лондон. Сопственикот на „Техникал текстајлс“ на лет за Дубаи во бизнис магазин ја видел рекламата за Македонија. Ова се директни коментари како некоја компанија дознала за нас, посочува Мизо.

Смета дека вредноста на нивните инвестиции и креираните работните места се многукратно поголеми отколку трошоците за брендирање на државата. Брендирањето, нагласува, не треба да се гледа како трошок, туку како инвестиција. Како пример го посочува брендот „кока кола“, кој се рекламира континуирано, иако сите знаат за него.

– Кога државата активно работеше на привлекување инвестиции се креираше критична маса на инвеститори, а добар дел од нив реинвестираат сега (циклус од 10 години од првобитната одлука за инвестирање тука) и/или сеуште креираат позитивен имиџ за државата. Без тоа претходно, многу малку ќе имаше сега, истакнува Мизо.

Преземено од МИА

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот