Брашното, сирењето, кашкавалот, но и фефероните и детската храна, станаа луксузна храна

Гарантирани цени во маркети / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Тоа што со месеци беше завиткано во обландата на „данок на луксузна стока“, излезе дека не е само за месото од ирвас, перките од ајкула и морските производи, туку се прелеа кај сите видови замрзната риба, освен осличот, замрзнатите теста, млечните и сирни намази, сирењето и урдата, зденката, пармезанот, ајдамер и гауда кашкавалот, павлаката за готвење, растителните сирења и намази, сладолед. Дури и брашното доби повисок ДДВ

Триесетина густо отчукани страници со новите вредности на ДДВ добиле трговците, со задача утрово во системите да ги сменат цените на повеќе од 1.000 прехранбени производи. Во обиколката што „Слободен печат“ ја направи во трговијата денес шефовите на продавниците сè уште се „бореа“ да стават нови, ценовни етикети, кои според нашите сознанија веќе викендов повторно ќе бидат сменети, ако Владата реши да ја преиспита својата одлука за повисокото ДДВ од 5 на 10 отсто.

Тоа што со месеци беше завиткано во обландата на „данок на луксузна стока“, излезе дека не е само за месото од ирвас, перките од ајкула и морските производи, туку се прелеа кај сите видови замрзната риба, освен осличот, пастрмката и пангата, замрзнатите теста, млечните и сирни намази, сирењето и урдата, зденката, пармезанот, ајдамер и гауда кашкавалот, павлаката за готвење, растителните сирења и намази, сладолед. Дури и брашното доби повисок ДДВ.

– Нè побудалеа. Мора да ги смениме цените, иако станува збор за поскапувања од 1 до 10 денари. Цела ноќ работевме и сега уште половина од цените не ни се ставени, а инспекторите може да влетаат во секој миг – на раб на солзи коментираше една шефица на многу посетен маркет во центарот на Скопје.

На дел од рафтовите во петокот наутро немаше тегли со лутеница, цвекло, феферони, мајонез, компоти, конзервирана храна, полнети макарони, тортилји, нудли… Граѓаните што добиле дојава дека ќе поскапат, масовно ги купувале. Поради најавата, претходниот викенд во дел од фабричките продавници за конзервирана зимница, масовно се купуваа пакети од овие производи.

– На што личи ова. Демек поевтинија некои производи, а илјадници други сега ќе поскапат. Си играат со нашите нерви. Нè оставија ништо за народот – коментираа граѓаните, згрозени од односот на Владата.

Во трговијата по овој ценовен шок, речиси и да нема евтина храна, бидејќи на листата се ставени и детската храна – гризот, овесните снегулки, муслите, сладоледот, еурокремот, сите видови бонбони, чипсот.

Пред сезоната на настинки, нови повисоки цени добија и видови сите чаеви, тропското овошје, сушеното овошје, најголемиот дел од зачините, сусамот, црниот бибер, сончогледот, инстант кафињата, наполитанките, гумите за џвакање…

Инаку, со повластена даночна стапка од 5 отсто остануваат публикациите (се однесува на книги како и електронски/дигитални учебници, брошури и слични печатени материјали, весници и други периодични публикации, детски сликовници, книги како и електронски/дигитални учебници за цртање и боење за деца и картографски производи од секаков вид, освен публикации што служат претежно за рекламни цели, како и публикации со порнографска содржина), менструални производи, пелети, печки на пелети и котли на пелети и топлинска енергија за греење.

Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, посочи дека најтрагичниот дел од најновата одлука на Владата е што во списокот производи што од 6 октомври ќе бидат со 10, наместо со 5 отсто ДДВ, се наоѓаат и прехранбени производи што се со замрзнати цени до 30 ноември годинава.

За потсетување, во Собранието деновиве поминаа измените со кои се овозможи примена на нова даночна стапка на ДДВ од 10 отсто, покрај основната од 18 отсто и повластената од 5 отсто. Со зголемување на ДДВ-то, во буџетот власта очекува да се соберат дополнителни 70 милиони евра. Статистиката, пак, измери реален пад од 12,9 отсто кај трговијата со храна во август.

Битиќи: Не гледам проблем за корекција на десетина цени

Вицепремиерот Фатмир Битиќи вели дека не е точно дека има зголемување на цените на повеќе од илјада производи и дека со мерката се опфатени 358 категории производи. Тој не знаеше да одговори зошто ајварот останува со 5 отсто, а лутеницата добила 10 отсто зголемување на цената.

Битиќи не сакаше да дефинира што е луксуз, но рече дека може да се работи за пропуст и дека за десетина производи не е проблем да се направи измена.

За чипсот, гумите за џвакање, сладоледот, тој рече дека спаѓаат во категоријата нездрави производи затоа што имаат повисока шеќерна вредност и не смета дека се основни прехранбени производи.

За цвеклото, пак, како здрава храна и е со 10 проценти, Битиќи додаде дека ќе се ревидира.

– Ние не ги носиме мерките на штета на едните или другите. Мораме да донесеме мерки кои што ќе ја ублажат кризата и нема да нанесат штета на производителите – рече Битиќи и најави дека Владата во вторник закажала седница, на која може да се ревидира одлуката.
– Не гледам голем проблем за корекција на десетина производи – истакна Битиќи.

Владата сама себе ќе се преиспитува за зголемениот данок?

Владата ќе ја преиспитува одлуката за зголемување на стапката на ДДВ од 5 на 10 отсто за дел од производите што според последните законски измени на Законот за ДДВ, а според процените на Министерството за финансии, беа означени како „луксузни” и отпаднаа од групата основни прехранбени артикли за кои ДДВ-то е 5 отсто, дознава ТВ Телма.

Измените, со сигурност, ќе ги опфатат сирењето, урдата и кашкавалот, а ќе се оценува и спроведливоста на новите стапки и за увозот на дел од тропското овошје и преработките од зеленчук.
Одлуката за над 1.600 производи што се оданочуваат со 10 отсто ДДВ е објавена во Службен весник на 28 септември. Но, за голем дел производи, велат изворите на ТВ Телма, е оценета како нејасна и неспроведлива во практика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот