Фото: EPA/JULIEN WARNAND

Браќа по понижување

Убедени дека нема ништо што нивните армии не можат да го направат, Путин и Трамп ги воведоа своите земји во војни кои уште од самиот почеток беа осудени на пропаст. Сега и двајцата лидери се заглавени во хаосот што самите го создадоа и немаат јасен пат за излез.

Двајца остарени лидери се борат да се извлечат од катастрофалните војни во кои лично ги вовлекоа своите земји. И тоа не им успева.
Кога рускиот претседател Владимир Путин ја започна целосната инвазија врз Украина на почетокот на 2022 година, неговата цел беше промена на режимот во Киев и прогласување победа за неколку дена. И тоа не беше „војна“, туку „специјална воена операција“. А кога американскиот претседател Доналд Трамп започна сеопфатен напад врз Иран, неговата цел исто така беше промена на режимот во Техеран и прогласување победа за неколку денови. Тоа не беше „војна“, туку „екскурзија“.

Двајцата решија да ги започнат своите војни без почитување на важечките процедури за политичко планирање, а да не зборуваме за земањето предвид на сите можни последици и секундарни ефекти. Путин пандемијата на ковид-19 ја помина во изолација, читајќи книги за историјата на старото Руско царство. А потоа дојде моментот преку рускиот Совет за безбедност да ја протурка одлуката за „специјална воена операција“, не дозволувајќи никакви забелешки. Функционерот што беше директно одговорен за Украина приговори, но тоа беше игнорирано, па потоа поднесе и оставка.

Трамп исто така реши да тргне во војна, по брзата победа во Венецуела и тврдењата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека иранскиот режим неизбежно ќе пропадне под притисок. Директорот на ЦИА, поставен од Трамп, го отфрли ова оптимистичко сценарио како „фарса“, а дури и сервилниот потпретседател Џеј ди Венс изрази сомнеж. Но одлуката беше донесена и предадена на извршување на „министерот за војна“, чија комично воинствена реторика предизвикува повеќе потсмев отколку почит.

Сега и двајцата лидери се заглавени во хаосот што го создадоа и немаат јасен пат за излез. Украинскиот претседател Володимир Зеленски успешно ја организираше одбраната на својата земја, задржувајќи го руското напредување четири години по ред. Во исто време, иранскиот режим, и покрај загубата на највисокото раководство и сериозната штета врз своите конвенционални воени капацитети, преживеа и де факто воспостави стратешка контрола над Ормускиот Теснец, користејќи ја истата технологија на дронови како и Украинците.

Бидејќи ниту Украина ниту Иран не се подготвени на предавање, заблудените луѓе што ги започнаа овие конфликти се откажуваат од своите декларирани воени цели. Иако Путин не може отворено да признае дека никогаш нема да ја освои Украина, тој очајнички се надева на политичко решение што би му дало делови од Доњецката област што неговата војска не можеше да ги контролира. А Трамп, и покрај своите непромислени закани дека ќе ја уништи Исламската Република, очајнички се надева на политичко решение што би го отворило Ормускиот Теснец и би овозможило нуклеарен договор сличен на оној од кој САД, под негово водство, се повлекоа во 2018 година.

Но, значителен напредок нема дури ни во постигнувањето на овие поскромни цели. Путин може да ѝ нареди на својата армија да напредува, но таа не може. Десетици илјади сè полошо обучени регрути се испраќаат во смрт без никакви видливи резултати. Руската воена економија произведува дронови за напади засновани на ирански модел, но Украинците се покажаа како поиновативни. Нивните дронови не само што ја држат линијата на одбраната, туку и удираат врз енергетската инфраструктура и воените цели длабоко во руската територија.

Да, Украина добива странска помош — првенствено од Европејците, бидејќи Америка е вмешана во војна со Иран и веќе потроши половина од своите резерви на напредни ракети. За среќа, украинската одбранбена индустрија моментално задоволува половина од воените потреби на земјата, додека Русија сè повеќе зависи од економската поддршка на Кина и од артилериска муниција и жива сила од Северна Кореја. Славната руска армија за која Путин читаше во историските книги стана минато.

Соединетите Држави и Израел, секако, поседуваат огромна воена надмоќ над Иран. Можат да ја бомбардираат целата земја без ограничувања, нанесувајќи штета каде што сакаат. Но без распоредување копнени трупи, оваа воена надмоќ нема да можат да ја претворат во политички успех. Ниту една земја не може да биде освоена само од воздух.

Го замислувам Путин како чкрта со забите во Кремљ (или во својот таен бункер) и им вика на луѓето кои не се способни да обезбедат победа што толку очајнички му е потребна. А Трамп, несвесно, својот секојдневен очај го истура на социјалната мрежа „Трут сошал“. Старата изрека е точна: многу е полесно (и повозбудливо) да започнеш војна отколку да ја завршиш.

Во некој момент, неуспешните војни на овие лидери ќе доведат до промена на режимот. Иако растечките цени на нафтата можат да му дадат финансиско олеснување на Путин, на долг рок тоа нема да биде доволно за руската економија. Денес, кога руското население е навикнато на удобностите на дигиталната доба, потенцијалот за традиционална пропаганда и репресија стана ограничен. Ако се суди според руската историја, неуспешните војни доведуваат до политички промени. Тоа се случи по поразот на Русија во војната со Јапонија во 1905 година и по советскиот пораз во Авганистан. Наследството на Путин ќе биде дефинирано од неговиот неуспех во Украина.

Што се однесува до Трамп, тој вети дека нема да води војни за промена на режими. Но потоа самиот се убеди дека за американската војска ништо не е невозможно, а сега цената ја плаќаат сите американски потрошувачи. Многу од неговите поддржувачи го гледаат како човек што залутал, а остатокот од светот – како суперсила што самата се дискредитирала.

Знаеме дека Путин и Трамп периодично водат долги разговори. Путин сака Трамп да му помогне да победи во Украина; но Трамп тоа не може да го направи бидејќи повеќе нема адути за да постигне таков резултат. Во исто време, Трамп веројатно го замолил Путин да му помогне да го покори Иран; но Путин не би можел да го направи тоа дури и кога би сакал, бидејќи ниту тој нема никакви адути.

Путин и Трамп постигнаа барем една работа. Норвешкиот комитет што ја доделува Нобеловата награда за мир ќе може да работи непречено, без нарушувачки фактори. Путин никогаш не бил ни разгледуван како кандидат, а Трамп – и ако бил – тоа повеќе нема да биде.

(Авторот е поранешен министер за надворешни работи на Шведска)

Вијести

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот