Боже, чувај го кралот!

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

Оние што пред 40 години го пееја рефренот „Нема иднина“ денес ја трасираат иднината на Обединетото Кралство. Решаваат дали воопшто ќе остане обединето и колку далеку ќе биде од брегот на Европа. Неговото величество мора да знае дека ќе му ги натоварат сите нивни неуспеси. Затоа е тешка круната

Боже, чувај ја кралицата!

И највосхитените Британци што со овој извик на искрена надеж ја пречекаа на тронот младата принцеза Елизабета, веројатно не верувале дека Бог ќе одговори на нивната молитва и ќе ја зачува на тронот цели 70 години, повеќе од кој било друг монарх во историјата, не само на нивното кралство.

Нејзиното величество ги издржа цврсто тие мачни седум децении во кои империјата што владееше со брановите се распадна во кралство што повеќе не е ни обединето. Од својот татко наследи круна од која веќе беше откорнат најскапоцениот камен – Индија. Во следните децении Елизабета Втора, немоќна „како англиска кралица“, беше сведок на откорнување на уште многу камчиња од круната – вкупно 48 поранешни колонии од Африка, Карибите и Азија, вклучувајќи ги и медитеранските бисери Кипар и Малта.

Уште од своето крунисување, Елизабета Втора беше принудена секој миг на болка и на радост да го споделува со поданиците. Раскошната кочија што ја одведе како кралица во Бакингемската палата преку телевизијата влезе во сечиј дом. Уште тогаш телевизиите и весниците открија дека е магнет за масите и почнаа да се натпреваруваат кој подрско и побрутално ќе се втурне во кралските одаи за да напише гнасотии за приватниот живот на Нејзиното величество. Таа беше и гуштер и крвопиец, ја обвинуваа за геноцид на милиони гладни деца. Ја направија редовен виновник за сите маки што ги носеше суровата транзиција на индустрискиот џин во „обична“ европска земја што повеќе нема колонии од кои може да жнее пари.

Ја обвинуваа и за трагичната судбина на нејзината снаа, принцезата Дајана, која беше омилена меѓу народот токму поради пркосењето на гнилиот систем во Бакингемската палата и во кралството воопшто.

– Боже чувај ја кралицата, фашистичкиот режим… Нема иднина! – врескаше Џони Ротен со гласот на цела една генерација што се сметаше за пропадната.

А, Елизабета Втора сиот тој товар, потежок од која било круна, го издржа со достоинство на кралица. Не врескаше Џони против неа, туку против системот!

На дијамантскиот јубилеј, Британците покажаа дека ја ценат и ја почитуваат таа цврстина. Сега тагуваат не само за неа, туку и за крајот на една разбранувана ера. Жалат што круната ја наследува нејзиниот син Чарлс, а не внукот Вилијам, во чии сини вени тече и крвта на Леди Ди.

Британија денес не е кралство од бајките во кое некој ќе кликне: Кралицата е мртва! Да живее кралот!

Кралството одамна не е империја, а повеќе не е ни обединето. Беше поделено на гласањето за европската иднина, поделено е за расистичките епизоди од колонијалното минато, напукнато е по националните шевови. Ако ги наследил гените од своите родители, Чарлс би можел „немоќно како англиска кралица“ да биде сведок на раздружувањето на Шкотска и на Северна Ирска, кога тоа ќе го решат мнозинството граѓани. Довчерашниот принц од Велс така би заминал како крал на Англија.

Оние што пред 40 години го пееја рефренот „Нема иднина“ денес ја трасираат иднината на Обединетото Кралство. Решаваат дали воопшто ќе остане обединето и колку далеку ќе биде од брегот на Европа. Неговото величество мора да знае дека ќе му ги натоварат сите нивни неуспеси. Затоа е тешка круната.

А, во новите молчаливи генерации се чини повеќе нема грла, гласни како она на Скапаницата Џони, за да вресне против системот: „Боже, чувај го кралот!“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот