Борците на ИСИС се враќаат дома: Како Македонија ги чека?

Исламската држава / Фото: Архива на Слободен печат

Македонија е една од ретките земји во Европа која има усвоено план и програма за „дерадикализација“ и целосна ресоцијализација на повратниците од странските боишта.

Најмалку 30 македонски државјани кои се бореле на страната на ИСИС и останатите терористички организации на боиштата во Сирија и Ирак се очекува да бидат вратени во земјава. Во моментов, пак, во казнено-поправните установи одлежуваат казна 11 лица осудени за учество во странска војска, а според онлајн-форумот Џаст секјурити, Центарот за право и безбедност во Њујорк, 83 од 156-те македонски граѓани што заминаа во Ирак и Сирија веќе се вратени дома.

Според Џаст секјурити, Македонија е една од ретките земји во Европа и пошироко која има усвоено план и програма за подготвено да ги дочека. Прво, при собирањето докази од бојното поле за да се олесни гонењето на оние што може да сториле кривично дело, а потоа и нивна „дерадикализација“ и целосна реинтеграција на повратниците од странските боишта.

Националниот координатор за борба против тероризмот, Борче Петревски уверува дека покрај мерките кои ги преземаат за превенција, постојат и владин, но и широко општествен пристап за, како што вели, „деангажирање“ на повратниците, а во кој се вклучени повеќе министерства и голем број институции, но со помош и од меѓународната заедница, невладините организации, верските заедници.

– Интер-ресорна група, формирана од Владата, работи на спроведување на Национален план. Вклучени се по двајца домашни и меѓународни експерти, како и повеќе министерства, институции и органи. Нашата работа за справувањето во борбата против тероризмот, овојпат е поконкретно насочена кон реинтеграцијата и предизвикот со повратниците од странските боишта. Сепак, вклучувањето во процесите на рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција е на доброволна основа, па затоа подготвуваме специфицирани програми за оваа област, односно индивидуален пристап за секој поединец-повратник, изјави Петревски за Слободен печат.

Активности, пак, за дерадикализација во рамки на затворот се детално опишани во Националниот план усвоен на 30 јуни и се очекува наскоро да започне пилот проектот, но лебди во воздух прашањето што со овие лица по издржувањето на казната.

Националниот координатор за борба против тероризмот додава дека е неопходно кај овие лица да се врати довербата во институциите и истакна дека се работи на подготовка на индикатори преку кои би се следело нивото на радикалност, а клучна улога во овој процес би играле социјалните работници.

Сепак се чини во затворски услови не успева т.н. „деангажирање“ на повратниците кои потоа излегуваат на слобода.

– Со проекти на Советот на Европа се работи на подобрување на условите во затворите и обука на вработените, особено обука за односот на затворските службеници кон осудениците. Специфицирани програми за повратниците по излегување од затвор во моментов во законските решенија нема. Ги подготвуваме општините за тоа како на локално ниво да се реинтегрираат повратниците и да се вклучат во општествениот живот. Голема улога ќе имаат Центрите за социјална работа, а по потреба ќе се вклучуваат и психолози, кои ќе креираат посебни мерки и услови за реинтеграција на секој поединец во општеството, заклучува Петревски.

Неофицијално, ваквите програми би биле понудени и применувани и кај оние лица кои веќе лежеле во затвор за „учество во странска војска“ и сега се на слобода, но и кај оние кои во моментов се зад решетки.

За овој тип на затвореници досега немало посебни програми. Според Законот за извршување санкции, за нив важеле истите правила и можности како и за сите осуденици и по нивното излежување на затворската казна. Тоа практично значи „обезбедување на сместување и исхрана, обезбедување на лекување, совети за изборот на живеалиштето, усогласување на семејните односи, пронаоѓање на вработување, довршување на стручното оспособување, давање парична помош за покривање на најнеопходните потреби, како и други облици на помош и поддршка“.

– Има примери кога ги ослободуваме ваквите осуденици со условен отпуст, по што е задолжителен пробацискиот надзор кој се спроведува. Но, за повратниците од странски боишта, кои веќе ќе ја отслужат затворската казна, важат истите правила и мерки како и за сите останати осуденици, односно се контактираат регионалните Центри за социјална работа, изјави раководителката на Секторот за ресоцијализација, Билјана Зефиќ.

Таа сепак нагласи дека сега веќе процесот се одвива зајакнато во рамки на затворите.

И социолозите се согласуваат дека треба да се изработи сеопфатна стратегија за справувањето со предизвиците на оваа категорија на луѓе. Според универзитетскиот професор Али Пајазити ним им е потребна помош за вистински да го фатат ритамот на нормалата, за како што вели, дефинитивен пристап во општествените текови после едно трауматично минато,

– После затворската казна тие луѓе треба преку разни механизми да се ресоцијализираат, да го сменат својот начин на сфаќање на нештата, својот светоглед и својот начин на живеење, преку премин од екстремност кон „мејнстрим“. Ним им е потребна реедукација од верска гледна точка, но и од други аспекти. Овие луѓе никако не треба да се оставаат на стихијата, туку преку програми за интеграција и инклузија треба да се потстрекнат за спас од овој шок што го имаат доживеано, за кој можеби не се виновни, бидејќи влијаеле многу фактори, смета социологот Пајазити и додава дека затворската казна не може значително да влијае.
Пост-затворската фаза е многу релевантна за овие реконвалесценти. Можности за самореализација треба да и се нудат на оваа категорија на граѓани, заклучува Пајазити.

Според заклучоците од извештајот на невладината организација „Нексус“ затворите имаат слаб капацитет за ресоцијализација и оттаму предлагаат сеопфатни и комплексни програми за интегрирање на овие лица во општеството.

И по отслужената затворска казна, повратниците се уште се сметаат за лица со висок безбедносен ризик, што се потврди со уапсените тројца кумановци на крајот на август годинава, кои останале со радикални идеи, па и покрај одлежувањето на затворската казна подготвувале терористички напади во Македонија.

Пред неполн месец, на 31 август, МВР спроведе акција извршувајќи претреси во Куманово и Скопје и уапси три лица за тероризам. Кај нив била пронајдена воена опрема, голем арсенал оружје, како и самоубиствени елеци, а според истрагата формирале терористичка ќелија под влијание на идеологијата на Исламска држава. Тројцата претходно издржувале затворска казна од минимум три години за учество за странски војски, а неофицијално мета на напад им биле витални државни органи и странски амбасади.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот