Бојан Јовановски се разбуди по операцијата, уште е на интензивна нега

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Петти ден Бојан Јовановски е на интензивна нега во Градската болница во Скопје по операцијата за целосно отстранување на желудникот после која остана со 10 проценти од желудникот. Според лекарите оваа операција е високоризична и бара специјален режим на одржување постоперативно, а не се знае како пациентот ќе се опоравува.

Според адвокатот на Јовановски Туфегџиќ и според лекарите, не е возможно Јовановски да се опоравува од операцијата во затворот Идризово и затоа поднесено е барање да му се прекине издржувањето затворска казна, но одлука за такво нешто според адвокатот Владимир Туфегџиќ уште нема.

-Ме известија дека Кривичниот суд побарал од градската болница веднаш по извршениот оперативен зафат да им биде доставен извештај за здравствената состојба на Јовановски и дека Клиниката соодветно одговорила, вели Туфегџиќ.

Оперативниот зафат траел повеќе од 4 часа. Во тимот хирурзи кои го изведоа зафатот се наоѓа доктор Стојанче Јованов кој за „Слободен печат“ рече дека е направена субтотална ресекција на желудникот и отстранети се предканцерогени состојби.

-Беше долга и тешка операција после која пациентот е во животозагрозувачка состојба бидејќи не знаеме каков ќе биде постоперативниот тек. Речиси целиот желудник е отстранет можеби се останати 10 до 15 проценти најмногу, ни рече хирургот Јованов.

Судот на почетокот на март го одби барањето на Јовановски да му се прекине издржувањето на затворската казна. Конзилиумот лекари во писма до јавноста истакнуваше дека во смисла на сериозноста, карактерот и интензитетот на болеста кај пациентот се препорачува и се дава задолжително упатство за понатамошно лекување и третман што би значело лекување во домашни услови веднаш по завршувањето на болничкото лекување и дека медицински е недозволливо да се лекува во пенални услови. Непосредно пред операцијата и мајката на Бојан Јовановски Јасминка се обрати преку писмо до јавноста во кое посочи дека нејзиниот син е во лоша здравствена состојба и дека за овие негови здравствени последици ќе бара одговорност. Таа најави кривични пријави против повеќе лица за кои смета дека се вмешани во случајот со Јовановски и кои според неа дејствувале свесно и со намера, поради одмазда и по нарачка.

„Поради организирано и здружено делување и соизвршување од безобѕирна одмазда, користољубие и по нарачка, под сомнение за сторени повеќе кривични дела ќе бидат поднесени кривични пријави за лица од правосудството, органи на извршната власт и здравствени работници кои заеднички, здружено свесно и со намера со одделни и поврзани дејствија на сторување ги сториле делата за кои ќе биде иницирана кривична постапка од нас пред Јавното обвинителство. Одговорност за целото нанесено зло и за сите инволвирани лица кои се директно одговорни за оваа ситуација ќе има без исклучок! Нашата борба ќе биде до крај до конечна правда, за која правда сум се борела и работела цел работен век во областа на правото, без ниедна морална и професионална дамка со целиот мој изграден морален и професионален интегритет, напиша Јасминка Јовановска.

Јовановски неодамна на обвинителството му понуди доказен материјал од над милион дигитални фајлови кои се однесуваат на „лица и настани поврзани со коруптивни, казниви дела и криминални дејствија во највисоките државни структури од сферата на политиката, правосудството, бизнис-елитата и други лица кои биле во заедничка корелација на сторување“. Кривично-правната операција со кодно име „Бумеранг“ која се темели на милион и 150 илјади фајлови со податоци во кои се содржани аудио снимени разговори, транскрипти, пораки, остварени телефонски комуникации, видео и фотографски записи, ќе го работи посебен тим од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, веројатно откако Јовановски ќе се опорави од хируршкиот зафат за да може да даде исказ. За неговото барање итно да му се прекине издржувањето затворска казна во КПУ „Идризово“ Јовановски ја извести и американската амбасадорка Анџела Агелер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот