Бојан Христовски / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Бојан Христовски за „Слободен печат“: Функционерите не треба да се привилегирани, ама не треба ниту да се дискриминирани

Директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски запиша докторат по безбедност на Факултетот за безбедност во Скопје. Докторските студии траат 5 години а темата на која Христовски ќе го усовршува своето знаење и експертиза е поврзана со онаа на која го напиша магистерскиот труд – дерадикализација на странски борци во казнено поправните установи во насока на превенција на тероризмот.

Тој за „Слободен печат“ вели дека образованието е регулирано со Устав и со Закон и секому му е загарантирано, па затоа смета дека неговата одлука да запише докторат додека е на највисоката функција во Агенцијата за национална безбедност не е ниту контрадикторна ниту спорна, туку напротив, претставува одраз на неговата свесност дека функцијата е минлива а образованието може да му послужи во понатамошната кариера во која и да е институција.

-Образованието е регулирано со Уставот и со Законот. На секого му е гарантирано правото на образование. Се залагам за тоа дека функционерите не треба да се привилегирани за ништо, но не треба да се ниту дискриминирани. Зашто денеска сум директор, а за некое време може и да не бидам. Запишувам докторски студии на тема за која сум покажал интерес пред 10 години, кај истиот ментор. Планот ми е темата да биде поврзана со магистерскиот труд – дерадикализација на странски борци во рамките на процесот на ресоцијализација во казнено поправните установи во насока на превенција на тероризмот.  Може да се менува темата, но менторот ми е истиот од магистерската, професорот по пенологија Оливер Бачановиќ, ни рече Христовски.

Запрашан кога ќе го спрема докторскиот труд со оглед на сериозноста на функцијата која ја извршува, директорот на АНБ рече дека предавањата се во петок и во сабота, после работното време, но и дека најголемиот дел од луѓето кои што докторираат во Македонија, се вработени и возрасни, така што не е јасно зошто само неговиот докторат е „спорен“.

-Нема да страда ни образованието ниту работата. Работата ми е приоритет, но и образованието долгорочно ми е важно во животот. Човек што доаѓа од науката, ја инкорпорира истата во работниот процес, а во работниот процес стекнувам поголеми практични искуства и тоа ќе го инкорпорирам во работата. Кога се спроведуваше интервјуто за упис, тоа беше во присуство на уште 4 други запишани студенти и тогаш една професорка ми рече дека мене ќе ми биде полесно бидејќи ќе имам пристап до се. Јас ја поправив, дека напротив, дека јас особено треба да внимавам да немам судир на интереси поради тоа што го работам, со тоа што го учам, рече Христовски.

Факултетот за безбедност Скопје пред 6 дена објави одлука за запишување на примени кандидати на докторски студии за академската 2025/2026 година на студиската програма по безбедност.

Директорот на Агенцијата за национална безбедност е примен со просек 8,75 кај менторот професор доктор Оливер Бачановиќ.

Христовски е носител на сертификат за безбедност од највисок вид не само во Македонија туку и во рамките на НАТО. Ваков сертификат според премиерот Христијан Мицкоски поседуваат само 36 луѓе, меѓу кои самиот премиер, 12 вработени во Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и луѓе кои работат во НАТО мисијата во Брисел.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот