Богоев смета дека позициите за уставни измени по лидерската средбата не се толку далечни

Стефан Богоев / Фото: Општина Карпош

Позициите за уставни измени со ВМРО-ДПМНЕ не се толку далечни после лидерската средба, очекуваме дијалогот да продолжи, рече денеска во интервју за емисијата Аргумент плус на 24 Телевизија, потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев.

-Најпрво добивме јавно поддршка од Христијан Мицкоски за уставни измени, ѐа кои што претходно беше кажувано дека овој парламентарен состав нема шанса да ги донесе. Сега тоа е променето до реториката на Мицкоски и велат дека можат да се случат уставни измени. Втората работа е она што го вели со одложено дејство, но и тоа ние го прифативме, рековме во ред, бива, одложено дејство до втората меѓувладина конференција. Тие велат до членство во ЕУ, но тоа е невозможно. Тоа е така со преговарачката рамка. Треба да се биде реален, преговарачката рамка не може да се смени, тоа е губење време кое го немаме. Третата работа е што тие прифатија да влезат во Влада со СДСМ, рече Богоев.

За него, како што наведе, интересно е како коинцидира влегувањето во Владата со омекнување на ставот на ВМРО-ДПМНЕ за уставни измени.

-Дали е тоа случајно или не ќе си кажат од ВМРО-ДПМНЕ. Дали им се виде влезот во Влада интересен и атрактивен па омекнаа со ставот за уставни измени? Ќе треба тие да одговорат, рече Богоев.

Според него, на лидерската средба и на прес конференците по неа се почувствувала позитивна политичка атмосфера во државата, а очигледно било и оти нешто се случува во меѓувреме.

-Гледаме дека нешто се случува во меѓувреме, дали е тоа поради цврстиот став на Левица и Апасиев, дали е ставот на некои други структури во рамки на десницата кои веднаш истиот ден излегоа да го прогласат Мицкоски за предавник, не знам дали тоа влијаеше за утре дента повторно да излезе ВМРО-ДПМНЕ да почне да измислува нови услови? Ние сме задоволни во СДСМ што конечно се призна и легитимитетот на Собранието, нели се велеше овој собраниски состав нема легитимитет да носи уставни измени, сега го признава легитимитетот на овој парламентарен состав, рече Богоев.

Посочи дека власта понуди работна група за да продолжи дијалогот, и очекуваат ВМРО-ДПМНЕ да номинира членови.

– Ние очекуваме разговорите да продолжат, понудивме работна група, чекаме ВМРО-ДПМНЕ да номинира свои претставници во работната група за да успееме. И во реакциите во јавноста многу граѓаните се надеваат на успешност на овој план, велат ајде конечно обединете се сите и тргнете кон заокружување на тој генерациски сон да бидеме членка на ЕУ. Се надевам дека нема да ги разочараат граѓаните. Доколку не успее планот ќе се разговара со пратеници од опозицијата коишто размислуваат исто како нас на тема европски интеграции. Коио се за интеграција наместо за изолација. Кои сакаат да бидеме дел од ЕУ. Консултации и разговори со пратеници од опозицијата би се одвивале врз основа на идеја и визија. Кој од пратениците на опозицијата ја гледа Македонија интегрирана во ЕУ, богата и напредна држава, е добредојден да се приклучи, рече Стефан Богоев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот