Мартин Богатиноски

Бог за седум дена го создаде светот, Орце за три дена ќе го светне Скопје

Орце го погледна градот свој, од Драчево до Волково, и рече: „Да се оддели ѓубрето од асфалтот, и сметот од душите“. И така беше. Камионите потекоа низ булеварите како реки на покајание, а водата од цистерните се прелеваше врз камените улици како ново крштевање. Народот гледаше, фотографираше и коментираше: „Еве го, новиот Мојсеј на чистотата“.

Во почетокот беше зборот, и зборот беше ветување. И ветувањето беше дадено пред народот, како завет пред божествен суд: „За три дена ќе го исчистам градот“. Така почнаа новите поглавја во Книгата на скопјаните.

И луѓето го слушаа гласот на својот нов водач, надевајќи се дека конечно ќе се подигне некој што ќе го отстрани срамот од улиците и ќе ја избрише прашината од совеста.

Скопје, градот што некогаш беше гордост на долината, денес личеше на изгубен Ерусалим – замастен, преполн со ѓубре, шишиња, хартија…

И во тоа време на отпад и рамнодушност, се појави Орце, како пророк со светлина во погледот и со метла во раката. „За три дена ќе го исчистам градот“, рече тој, и луѓето се восхитија. Некои се прекрстија.

И беше вечер и беше утро, ден прв.
Орце го погледна градот свој, од Драчево до Волково, и рече: „Да се оддели ѓубрето од асфалтот, и сметот од душите“. И така беше. Камионите потекоа низ булеварите како реки на покајание, а водата од цистерните се прелеваше врз камените улици како ново крштевање. Народот гледаше, фотографираше и коментираше: „Еве го, новиот Мојсеј на чистотата“.

Но меѓу нив имаше и неверници. Стари скопјани, седнати на своите клупи, цинично забележуваа: „Не може тоа за три дена, дури ни Господ не успеа без одмор“. А најгласните додаваа: „Дај, бре, нека исчисти прво по штабовите, па после по улиците“.

И беше вечер и беше утро, ден втор.
Орце се спушти меѓу народот, носејќи метла како жезол. Работниците од „Комунална хигиена“ одеа зад него како апостоли, а камерите ги следеа нивните чекори. И проговори Орце: „Не е важно кој го направил ѓубрето, важно е кој ќе го собере“.

И народот го слушаше, но повеќето снимаа за да имаат доказ во партија дека биле присутни на настанот.

И тогаш ги изговори петте заповеди на новиот град:

  • Не фрлај ѓубре пред контејнер, зашто тоа е грев;

  • Почитувај го ѓубретарот твој, за да ти биде чисто утрото;

  • Не ѝ се потсмевај на метлата, зашто од неа ќе ти зависи иднината;

  • Не барај виновник, барај ќесе;

  • Не кажувај „сите се исти“, зашто тогаш и ти стануваш дел од нечистотијата.

И беше вечер и беше утро, ден трет.
Градот почна да свети. Се виде бојата на клупите, асфалтот повторно доби лик, а воздухот мирисаше на хлор. Некои велеа дека виделе лик на светец во баричката кај плоштадот „Македонија“. Други, пак, тврдат дека тоа бил Орце.

Но како и во сите библиски приказни, по чудото доаѓа искушението. Ветерот од Волково подигна нови кеси, а првите отпадоци повторно слетаа кај железничката. Народот воздивна: „Сè беше залудно“. Тогаш Орце рече: „Господ го создал светот за седум дена, но човекот го расипал за седум минути. Јас го исчистив градот за три дена, а вие го вративте на старо за три часа“.

Потоа седна на клупа кај Камени мост и гледаше како Вардар носи шишиња, лименки, тенџериња… И рече: „Еве го нашиот грев, плива и не потонува“. Некој му пријде и го праша: „Орце, ќе го чистиш пак?“ Тој се насмеа и одговори: „Ако Господ не се откажал од луѓето, зошто јас би се откажал од Скопје?“

И народот повторно го славеше, а на секој билборд се појавија зборовите: „Чист град – чиста совест“. Но вистината беше поинаква. Градот никогаш не бил валкан од ѓубре, туку од политика. И тоа е грев што не се пере ни со метла, ни со хлор.

И така поминаа тие три дена што ќе останат запишани во хрониките на Скопје, како нов завет на чистотата. И ќе раскажуваат старците на клупите, дека некогаш имало еден градоначалник што сакал да биде како Бог – да создаде ред од хаос, и да ѝ даде душа на прашината. Но како што пишува и во Светото писмо: „Од прашина си создаден, и во прашина ќе се вратиш“. А во Скопје, тоа значи едно – ѓубре си, и со ѓубре ќе живееш.

И беше вечер и беше утро, ден четврти – кога повторно ќе се роди ново ветување. И народот ќе рече: „Амин“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот