Боцевски наместо да замине во Стокхолм, „исчезна“ од списокот на амбасадори
На последната предлог-листа усвоена од Владата се амбасадори во Стокхолм, Букурешт, Приштина, Лондон, Хаг, Стразбур, Софија, НАТО и Софија, како и генерални конзули во Солун и во Мелбурн.
Владата на вчерашната седница одобрила список од деветмина нови амбасадори и двајца генерални конзули, но најголемото изненадување е предлогот за амбасадор во Шведска, каде што досега веќе требаше да биде заминат Ивица Боцевски.
Препорачано
Боцевски беше предложен за амбасадор во Стокхолм уште пред седум месеци и ги помина сите филтри, а според извори на „Слободен печат“, дури и добил агреман од Шведска за на крајот да стане своевидна „жртва“ на коалициски меѓупартиски комбинаторики. Претходно Боцевски беше назначен од Владата за специјален владин претставник за унгарското претседателство со ЕУ, по што се шпекулираше дека можеби ќе биде именуван за амбасадор, но тогаш сѐ остана на шпекулација. Во 2016 година, Боцевски, пак, стана прв македонски амбасадор во Бразил.
Но, наместо него, сега за амбасадор во Шведска е предложен Мухарем Јусуфи, кадар од Министерството за надворешни работи.
Боцевски не ги коментира ваквите комбинаторики и за „Слободен печат“ кусо изјави:
– Фокусот сега ми е на академската активност.
Сепак, дипломатски извори велат дека станува збор за „непријатна“ ситуација, бидејќи на Шведска треба да ѝ се објасни зошто амбасадорот, кој веќе добил агреман, уште незаминат е заменет со друг.
Другите имиња од списокот, главно, се предлози од МНР, со неколку исклучоци. Најзвучното име на листата е Орхан Муртезани, кој како кадар на Вреди за заминувањето од министерската функција во ресорот европски прашања како компензација го доби амбасадорското место во НАТО во Брисел.
Искусниот дипломат и поранешен амбасадор во Украина, Крум Ефремов, сега е предложен за амбасадор во Софија, а за упатените изненадување е „изборот“ на Илина Мангова за амбасадорка во Обединетото Кралство. Инаку, Мангова не е кариерен дипломат, туку доаѓа од раководството на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).
Во Романија ќе замине Габриел Атанасов од Министерството за надворешни работи, а од МНР, поточно од кабинетот на министерот Тимчо Муцунски, номинирана е и Линда Салиеска Иљазоска за позицијата амбасадорка во Хаг.
Катерина Тодоровска треба да биде амбасадорка во Приштина, а Светлана Гелева ќе остане и втор мандат во Советот на Европа во Стразбур.
На листата уште се наоѓа и Стојанче Китановски, кој треба да биде амбасадор во Канбера, Австралија.
Освен овие деветмина кандидати за амбасадори, на владината седница „поминале“ и две имиња за генерални конзули – Томислав Димитровски во Солун и Александар Крстевски во Мелбурн, и двајцата од МНР.
Претходно, пред неколку месеци беа пополнети амбасадите во Токио, каде што шеф на Дипломатско-конзуларното претставништво ќе биде Андријана Цветковиќ, која истата функција ја имаше во периодот од 2014 до 2018 година, потоа во Киев – со Димитар Блажевски, и во Тирана – со Веле Трпевски. Сепак, и покрај комплетираната процедура, овие тројца амбасадори со месеци чекаат да ја преземат функцијата.
Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека на затворена владина седница „поминале“ предлози за амбасадори, но дека јавноста ќе биде информирана кога ќе се декласифицира информацијата.
Инаку, според информациите од Министерството за надворешни работи, Македонија има повеќе од 50 ДКП-а, а без амбасадори, односно шефови на ДКП-ата се 27 (вклучувајќи ги и центрите за кои од завчера има предлози). Амбасадори нема во амбасадите во Атина, Астана (Казахстан), Брисел, Будимпешта, Букурешт, Ватикан, Доха, Каиро, Киев, Копенхаген, Подгорица, Приштина, Прага, Сараево, Талин, Тирана, Токио, Њу Делхи, Хаг и во Стокхолм, во генералните конзулати во Мелбурн, во Тотова (САД) и во Солун, како и во Виена (Постојана мисија при меѓународни организации), во Брисел (Постојана делегација при НАТО), во Женева (Постојана мисија при ОН) и во Њујорк (Постојана мисија при ОН).
Неофицијално: Боцевски ќе биде амбасадор во Шведска, Зендели во Данска, Трпевски во Албанија


