Близок пријател на Дајан Китон откри какви ѝ биле последните денови на холивудската легенда
Холивудската легенда Дајан Китон почина вчера, на 11 октомври, на 79-годишна возраст во Калифорнија. Според близок пријател, актерката „била духовита до самиот крај“.
Препорачано
„Беше единствена од милион. Живееше токму онака како што сакаше — по свои правила, опкружена со луѓето и работите што најмногу ги сакаше“, изјавил изворот за „Пипл“.
Изворот додава дека славата не ѝ значела ништо на Китон, која најмногу уживала во својот дом и во друштво на нејзиниот сакан голден ретривер Реџи. Кучето беше прикажано и во нејзината последна објава на Инстаграм, објавена во април по повод Националниот ден на милениците.

„Дајан секогаш имаше силно чувство за тоа која е и како сака да живее. Во последните години се држеше до мал круг блиски луѓе и тоа ѝ одговараше. Беше духовита до крајот и имаше способност дури и најобичните моменти да ги претвори во нешто посебно. Таква беше таа“, вели нејзиниот пријател.
Бет Мидлер, која глумеше заедно со Китон во „Клуб на првите сопруги“ („The First Wives Club“), во својот некролог ја истакна нејзината оригиналност.
„Беше урнебесна, сосема оригинална и без грам лукавство или конкурентност каква што би очекувале од толкава ѕвезда. Она што го гледавте, тоа беше таа… о, ла, ла!“, напиша Мидлер.

Китон стана славна во 1970-тите со улогите во првите два дела од „Кум“ („The Godfather“) на Френсис Форд Копола и со соработките со Вуди Ален. Нејзината улога како Ани Хол во истоимениот филм „Ани Хол“ („Annie Hall“) од 1977 година ѝ ја донесе наградата Оскар за најдобра актерка и ја утврди како модна икона и на екранот и надвор од него.
Со сценаристката Ненси Мајерс работеше на неколку филмови: „Бебешки бум“ („Baby Boom“) од 1987 година, „Татко на невестата“ („Father of the Bride“) од 1991 и неговото продолжение од 1995 година, потоа на големиот хит „Љубовта нема правила“ („Something’s Gotta Give“) од 2003 година.
Во 2024 година Китон се појави во своите последни филмови — „Вискито на Артур“ („Arthur’s Whisky“) и „Летен камп“ („Summer Camp“).
Зад себе ги остави своите две деца – ќерката Декстер Китон (29) и синот Дјук Китон (25).


