Бизнисот доби од Министерството за финансии онлајн-платформа за иницијативи

Министерството за финансии креираше онлајн-платформа преку која стопанските комори, фирмите и други правни субјекти и организации ќе можат да даваат предлози за решавање на проблеми со кои се соочуваат, а се во надлежност на Министерството.

Ова е реализација на ветувањето на министерката за финансии Нина Ангеловска што минатата недела им го даде на компаниите на средбата во Стопанската комора и е во насока на побрзо решавање на предизвиците со кои се соочува бизнисот и подобрување на бизнис окружувањето.

– Вашите барања може да ги преточите во онлајн-платформа, а Министерството за финансии детално да ги разгледа, да ги доработи и да излезе со конкретен одговор кога и како би можело да се реализираат. Владата мора да биде партнер на реалниот сектор ако сакаме да расте економијата, затоа што тој ги знае проблемите, а нашата задача и моја лична заложба ќе биде да му се олесни патот на реалниот сектор – им рече Ангеловска на средбата во Комора.

Министерството за финансии, со цел да обезбеди ефикасен и унифициран пристап во јавно-приватниот дијалог со компаниите, го искористи прашалникот креиран во рамки на проектот на УСАИД – Партнерство за подобра бизнис регулатива, чиј дел се четирите стопански комори.

Во онлајн-платформата компанијата-предлагач на иницијатива, освен идентификација на проблемот и кус опис на моменталните околности, внесува и за кој сектор се однесува, како проблемот влијае врз конкурентноста, работењето и правната усогласеност на компаниите, какви се негативните финансиски импликации од него, со кои прописи е регулиран и кои државни институции се вклучени во негово решавање.

Во онлајн-платформата, компаниите треба да внесат и како проблемот е регулиран во други држави, како неговото решавање ќе ја подобри конкурентноста на компаниите и кои други квалитативни и квантитативни резултати ќе ги има, какви ќе бидат неговите фискални импликации и кои се предлог-решенијата на конкретниот проблем.

Онлајн-платформата е достапна на веб страната на Министерството за финансии.

Министерството за финансии останува отворено за сите предлози кои доаѓаат од бизнис секторот да ги дискутира заеднички на состаноци, кои ќе ги остварува со приватниот сектор со редовна динамика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот