Битола сега има стадион со сите услови, Македонија ќе ја пречека Италија на „Петар Милошевски“
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) потврди дека УЕФА дала одобрение стадионот „Петар Милошевски“ во Битола да биде домаќин на квалификацискиот натпревар меѓу младинските селекции на Македонија и Италија (до 21 година), кој ќе се одигра на 9 септември во рамките на квалификациите за Европското првенство.
Препорачано
Стадионот, кој во изминатите 40-тина дена беше подложен на обемна реконструкција, сега ги исполнува стандардите на УЕФА. Поставени се нови столчиња на јужната трибина, целосно обновена е тартан патеката, опремени се службените простории, медија-зоната, како и ВИП-сегментот, а се набавени и нови клупи за резервни фудбалери. Како дел од донацијата на ФФМ, стадионот доби и современ ЛЕД семафор, а поставен е и нов тревник.
Инвестицијата изнесувала околу 150.000 евра, а поради работите, на претходното коло Пелистер беше принуден да игра во Кавадарци.
„Ова е пример како со заедничка работа може да се постигне многу. Благодарност до градоначалникот Тони Коњановски и неговиот тим – за кратко време го доведовме стадионот до ниво што доби потврда и од УЕФА,“ изјави претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.
Тој додаде дека следен чекор во плановите на Федерацијата е реконструкција на градскиот стадион во Тетово, како дел од пошироката стратегија за подобрување на фудбалската инфраструктура низ државата.


