Бислимоски: Кога не би бил надоместокот од 200 денари, евтината тарифа би поскапела за 14,53 проценти

На Електродистрибуција не ѝ е дозволен екстра профит, ниту пак им е наштетено на граѓаните, туку е воведен правичен начин во распределба на трошоци, одговори уште еднаш Бислимоски на обвинувањата дека фиксниот трошок од 200 денари за пристап на мрежа дополнително ги оптовари граѓаните

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски уверува дека ако не би постоел фиксниот надоместок од 200 денари за пристап до електрична мрежа, тогаш вкупните цени би се зголемиле, а најмногу би настрадале најсиромашните. Тој на вчерашната прес-конференција ги презентираше бројките за тоа што значи воведувањето на надоместокот од 200 денари, а какви би биле сметките без него.

– Во изминатиов период се зборува дека сме вовеле нова давачка. Откако постои тарифирање на електричната енергија во државава, се наплаќал и пренос и дистрибуција на електрична енергија, со тоа што првпат тоа е видливо и на сметките, во последните две години. Во врска со воведувањето на надоместокот за приклучок, критикувани сме дека се воведува екстра профит за енергетските компании. И со надоместокот од 200 денари и ако тој е нула, нема никаква разлика во регулираниот максимален приход што го определуваме на компанијата Електродистрибуција. Но, разлика има во цените. Делот за мрежарина би се зголемил за 25,59 проценти врз основа на што цената на електричната енергија во првиот блок (вкупно електрична енергија и мрежарина) би се зголемила за 9,03 проценти, цената на вториот блок би се зголемила за 7,78 проценти, цената на третиот блок за 6,4 проценти, цената на четвртиот блок за 3 проценти, додека цената на евтината струја би се зголемила за 14,53 проценти – рече Бислимоски.

Бислимоски информираше и дека во јануари годинава во периодот кога има евтина струја, нејзината потрошувачка е зголемена за 18 проценти во однос на јануари 2023 година кога немаше евтина тарифа.

Тој тврди дека од презентираните бројки се заклучува дека ниту е дозволен екстра профит на Електродистрибуција, ниту, пак, им е наштетено на граѓаните.

– Воведовме правичен начин во распределба на трошоци. Тие со пет стана не треба да ги жалиме. Зошто на редовните потрошувачи да им се зголеми цената на евтината тарифа за 14,53 проценти? Во 2023 година имаме најниска потрошувачка на електрична енергија, а во 2024 година ќе биде уште помала. Многу компании ставија фотоволтаици, а тоа станува сериозен тренд и кај домаќинствата. Не е фер оние што не може да стават фотоволтаици, да плаќаат повеќе поради оние што ги поставиле. Јасно е дека фотоволтаици ќе постават оние што имаат пари. Не сметам дека ако некој инвестирал 5.000 евра, не може да даде месечен надоместок од 200 денари – рече Бислимоски.

Тој рече дека со воведувањето на тарифите, сега на оние домаќинства што се во четвртата тарифа им станува поевтино да одат да купат струја на слободниот пазар. Истото важи и за малите компании, кои во 2019 година масовно излегуваа на слободниот пазар за да се вратат кај универзалниот снабдувач во време на енергетска криза. Така, во последниве месеци сè повеќе мали фирми излегуваат на слободниот пазар.

– На ЕСМ тоа ѝ одговара за да може што повеќе од произведената струја да продава на слободниот пазар, место да ја дава по договорената цена од 57 евра на универзалниот снабдувач – рече Бислимоски.

Бислимоски рече дека иако на берзата се појавуваат многу пониски цени од производната на ЕСН, ние мораме да имаме балансна енергија.

– За жал, јагленот се увезува и не може да очекуваме пониска цена од РЕК Битола – рече Бислимоски.

Во однос на шпекулациите за продажба на ЕСМ, Бислимоски вели: „Не верувам дека некој би купил термоелектрана на јаглен што е при крај на својот работен век, или централа на мазут што во последниве 40 години работела една година“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот