Биковски за Телма: Упадот во контролата на летање е терористички акт невиден ниту во ,,банана-државите”

Венко Биковски - поранешен пилот / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Луѓето што работат во контролата на летање, дури и да имаат недоразбирања меѓу себе, не смеат да ги покажуваат додека се на работа, бидејќи работат во стерилна средина која се снима и аудио и визуелно, изјави за Телма Венко Биковски, капетан на боинг 737 и инструктор и испитувач.

-Никој од надвор не смеел да присуствува во местото каде контролорите ја работеле својата работа, рече пилотот и додаде дека тоа би било како куп бактерии и вируси да влезат во операциона сала додека се врши операција врз пациент.

Во моментот кога во М-НАВ се случил упадот, над небото имало 28 летови под нивна контрола.

Тоа е чист терористички акт, каде лица од надвор влегуваат таму каде што не им е местото и ја реметат работата. Доколку во право време не издадете правилна команда додека одговарате за животите на стотици луѓе, може да дојде до несреќа. Во авијацијата постои еден назив кој гласи ,,стерилитет”. Стерилен кокпит или стерилна соба. Од она што го работам, кога ќе тргнеме во снижување, во пилотската кабина е пропишано да мора да владее стерилна средина, значи не се разговараат приватни работи, туку сме насочени само на тоа што го работиме. Исто така и во таа соба каде што работат контролорите, има стерилна средина. Таму не смее да влезе никој од надвор и да им попречува во работата, додава Биковски.

На прашањето дали овој инцидент може да доведе до последици по довербата во македонската авијација и навигација тој одговара потврдно. Тој е зачуден што владата чека до деветти јануари за да свика седница за разрешување на раководството.

-Обично луѓето сами си даваат оставки, но овде никој не мрднува. Над нив постои некој кој се вика Еуроконтрол. Ние сме еден дел од таа контрола на летање. И странски авиони прелетуваат. И ако овде не е безбедно, тогаш ќе станеме црна дупка, ќе не избегнуваат и нема да доаѓаат. Од она што го знам, а тесно соработував за сите овие 48 години со контролорите, луѓето си ја работат работата како што треба. Не се случил инцидент на сите овие притисоци на кои се изложени, тоа само покажува дека се добри во нивната работа, рече Биковски.

Над небото во моментот имало и НАТО авиони.

Сите воени авиони кои летаат, имаат и свој контролор кој координира со контролорот на цивилните авиони. Нормално дека сево ова може да има импакт и по нив, и сигурно и тие ќе преземат свои акции да се види зошто како и кој допринел за еден ваков скандал од невидени размери. Досега не сум видел никаде во светот вакво нешто да се случи. Дури и во оние банана држава, каде владее стопроцентен криминал, никој не се осудува да влезе и да попречува работа која е од значење за сите, додаде Биковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот