Бескрупулозен провокатор украде фотографија од оџа и на Фејсбук лажеше дека Вања е кај него во Косово

Исчезнувањето на малолетната Вања Ѓорчевска од Скопје, ги разбуди специјалните војни за бескрупулозно лажење на јавноста со злоупотреба на верски фигури, а со цел дефокусирање на истрагата и предизвикување меѓуетничка и меѓурелигиска нетрпеливост. Во пресрет на Министерскиот совет на ОБСЕ кој се случува во Скопје, непознати структури се обидоа да го одвлечат вниманието на полицијата, да ја прелажат јавноста и да прошират лажна информација дека Вања е пронајдена. На таков начин тие си поиграа и со чувствата на семејството кое живее во агонија.

Нивните провокации ги запечатија и медиуми, кои објавија лажна информација дека Вања била „пронајдена во соседна држава“ спротивно на новинарскиот кодекс кој налага новинарите да објавуваат само точни и проверени информации, да внимаваат на чувствата на семејствата и да се простат со сензационализмот во своите текстови.

По девојчето на највисоко ниво трага и МВР и Интерпол, а на Фејсбук профилот на нејзината мајка вчера се појави дезинформација пласирана од профил кој се претставува како „џамија во Подујево“. Лицето кое го користи овој лажен профил, искоментира дека девојчето е со него и дека е добро. Ова е лага, по Вања Ѓорчевска уште се трага и не е пронајдена. На лажниот Фејсбук профил имаше фотографија од исламско верско лице.

Лажен Фејсбул профил од кој во текот на вчерашниот ден се ширеа бескрупулозни дезинформации за дефокус на истрагата и вознемирување на јавноста / Фото скрин шот

„Слободен печат“ во текот на вчерашниот ден стапи во контакт со повеќе џамии во Подујево и оттаму ни кажаа дека за Вања немаат никакви информации. Со обратно пребарување на фотографијата од лажниот Фејсбук профил на која се наоѓаше исламско верско лице, дојдовме до вистинскиот идентитет на лицето кое се наоѓа на фотографијата. Станува збор за имамот Арбер Бериша од Тропоја, Албанија.

-Веќе сум запознаен со овој профил кој неколку пати го пријавував во полиција затоа што често преку него некој, или криминална група, ги злоупотреубаше верниците злоупотребувајќи го моето име. Им давал совети а потоа им барал пари користејќи го моето име и претставувајќи се од различни локации во светот.  Овој профил нема никаква врска со ниедна џамија во Подујево. Ве молам обидете се и вие да го пронајдете натрапникот, зашто јас се обидов, но ништо не помогна да биде избришан овој профил, изјави во телефонски разговор за „Слободен печат“ имамот Бериша.

Откако коментарот од лажниот профил беше објавен, бројни граѓани поверуваа во него, а дел од медиумите и ја објавија веста без проверка и повикувајќи се на извори од истрагата кои всушност не постојат. Веста беше дезинформација дека Вања е пронајдена во соседна држава. Министерството за внатрешни работи ја демантираше оваа дезинформација, а еснафските здруженија без да ги посочат медиумите само воопштено, апелираа да се известува професионално за случајот со исчезнатата Вања Ѓорчевска.

Вања Ѓорчевска има 14 години. Во понеделникот во 7 часот и 20 минути изутрина, излегла од домот во скопската населба Дебар Маало и се упатила кон училиштето „Ј.Х. Песталоци“ на настава. На пат кон училиштето ѝ се губи секоја трага.

Вања носела црни панталони со странични џебови, светло син џемпер, црна кратка зимска јакна и бели „Најк“ патики со кафена лента на ѓонот. Последен пат е видена во Дебар Маало на пат кон „Песталоци“. Висока е 175 сантиметри, тешка 58 килограми, има темно кафена коса и кафени очи, носи протези на горните и долните заби и има бемка на десната страна од лицето. Со себе носи ранец и мобилен телефон марка „Ајфон“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот