Бесими: Работиме на воведување на интегриран информациски систем за управување со јавните финансии

Фото: Радио Слободна Европа

Министерството за финансии интензивно работи на подготовка на проектот за воведување на интегриран информациски систем за управување со јавните финансии (IFMIS) кој очекуваме да биде поддржан од Групацијата на Светска банка и од Европската комисија во рамки на ИПА 2, рече министерот за финансии, Фатмир Бесими на денешната средба со директорот на Светска банка за земјава, Масимилијано Паолучи.

Проектот, напомена Бесими, е од исклучително значење за управување со јавните финансии, бидејќи ќе овозможи интегрирано следење на приходите и расходите од нивното планирање до целосната реализација, со што ќе се подобри управувањето со јавните финансии.

На официјалната средба во Брисел беше потенцирано дека со воведување на овој систем ќе се решат повеќе фискални предизвици, вклучително и реалистичното планирање и повисоката реализација на капиталните инвестиции.

– Мерките и политиките што се преземаат за поддршка на одржлив и инклузивен раст, се клучни во услови кога се соочуваме со најголемата економска криза досега. Фискалната политика мора да биде во центарот на одговорот на кризата предизвикана од ковид-19, истакна Бесими.

На средбата, како што соопшти Министерството за финансии, беше разгледана реализацијата на четиригодишната стратегија на Светска банка, при што беше посочено дека наскоро се очекува да почне реализацијата на проектот за локални патишта. Беше речено и дека во собраниска процедура е и Законот за задолжување за проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, вреден 25 милиони евра, што ќе овозможи реализација на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор. Проектот се спроведува преку проектната единица на Министерството за финансии за подобрување на општинските услуги (МСИП) со поддршка од Светска банка.

На средбата Бесими – Паолучи се дискутираше и за Проектот за модернизација на земјоделството во износ од 50 милиони евра, од кои 46 милиони се заем од Светска банка, а четири милиони грант од ЕУ. Реализацијата зависи од усвојувањето на Законот за задолжување кој исто така е во собраниска процедура.

– Средбата беше оценета како исклучително важна и од аспект на дискусиите за владините приоритети на среден рок и можностите за нивно кофинансирање, наведува Министерството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот