Белчева-Андреевска: Она што вчера се случи ја прели чашата, не сакам да сум во мнозинство кое лесно се приклонува калкулирајќи личен бенефит (ВИДЕО)

Јана Белчева-Андреевска се повлече од функцијата претседател на Советот на Општина Центар. Причините за одлуката ги објави на својот Фејсбук профил во кој, меѓу другото, напиша дека „не може да се приклучи кон група во која мнозинството не е подготвено за прогрес, кое лесно се приклучува со калкулации за личен бенефит и комфор и не сака да биде дел од тим без желба за транспарентност“.

  • Она што вчера се случи ја прели чашата. Несогласувањата постојат подолго време. Вчера имаше последен упад во декоратското донесување на одлуки, и каде што мнозински треба да одлучува, со упад се продолжи седницата. Се нема интерес да се дознае како се спроведуваат одлуките ниту надлежностите на службите во општината, нема интерес да се знае како се реализира буџетот за да се предвидат и предложат приоритетните активности, се нема иницијатива за прогрес, туку напротив, се дозволуваат назадни, ризични, конзервативни и нетранспарентни процеси. Многу пати претходно бев ставена во позиција да потпишувам одлуки за кои сум гласала против, но мнозинството гласало за. Се оградував низ издвоени мислења, некогаш сама некогаш со други колеги. Мислам дека на вчерашната седница се донесени незаконски одлуки, истакнува Белчева-Андреевска.

Зад нејзината номинација стоеја група граѓани, но напорите биле залудни и не давале резултат.

  • Селективното известување за продолжување на седница без тоа да го направи претседателот на Советот е незаконски, затоа сметам дека и вчерашната седница е под знак прашалник. Исто така е прашање зошто дел од советниците не се интересираат околу реализацијата на буџетот.

Моите напори најчесто се сосема залудни и не даваат резултат за граѓаните на општина Центар да добијат квалитетни услуги и напредок. Зад мојата номинација застанаа граѓани пред кои се чувствувам одговорна, кои секојдневно апелираат, а на кои немам никаков одговор да им понудам. Платформата „Здравје пред профит“ остана листа на делумно неисполнети ветувања, вели Белчева-Андреевска.

Буџетот е наменет за области кои не се приоритетни.

  • Се борев за принципи со кои одлуките ќе се базираат на податоци и анализи, се стремев кон отвореност и транспарентност, кон вклученост на граѓаните во донесувањето одлуки, кон контролирана распределба на приходите и расходите, кон мерливи параметри за следење на резултатите, но тоа не преовлада.

Несогласувања имаше и на други точки, предлагав и низа амандмани за доброто на жителите на Центар, но сфатив дека буџетот ќе се троши на области кои не се приоритетни. Кога се планира буџетот ние ги планираме приходите и расходите. Но расходите за урбанистичко планирање нема ни еден процент од вкупниот буџет, а кога ќе погледнете во ставката приходи токму таа ставка е голема, изјави Белчева-Андреевска.

Таа истакна дека имале несогласувања и околу случајот „Треска“, кој смета дека е загрозен.

  • Ако програмата за урбано планирање чини помалку од 1% од вкупниот буџет на општината, а се очекува уредувањето на просторот да донесе над 50% приход во буџетот, многу нешта изгледаат нелогично. Имавме несогласувања и околу „Треска“. Сметам дека целиот процес е загрозен. Упадите на градоначалникот говорат дека тој не разбра за важноста од одлучувањето на граѓаните за доброто на својата општина.Јас не можам да се приклонам кон група во која мнозинството не е спремно за прогрес, не сакам да сум во мнозинство кое лесно се приклонува калкулирајќи со личен бенефит или конфор, не сакам да сум дел од тим без желба за транспарнтност, споделување, но и знаење и информации потребни за да донесат одлуки, потенцираше Белчева-Андреевска.

Таа не сака да верува дека во општина Центар локалната власт води политика на СДСМ.

Колку повеќе квалитетни луѓе ќе се вклучат во политиката, толку поквалитетни одлуки ќе имаме. Најпрогресивната општина – Центар за жал ја немаше таа среќа. Не сакам да верувам дека политиката што ја води локалната власт е политика на СДСМ. Ова што се случува во Центар не е за изедначување со политиките и идеологијата на социјалдемократијата, во која и јас единствено верувам. Не е ниту репрезент на политичка идеологија, додаде Белчева во разговор за „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

Проследете го целиот разговор:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот