Белата куќа го повлече расистичкото видео што го сподели Трамп
Белата куќа денеска го повлече контроверзното видео од социјалните мрежи кое го сподели претседателот Доналд Трамп, по жестоките критики поради навредливи и расистички елементи, пренесе Политика.
Препорачано
Видеото, како што се наведува, содржело теории на заговор за изборите и сцени во кои поранешниот претседател Барак Обама и поранешната прва дама Мишел Обама се прикажани на расистички начин, споредени со мајмуни.
Трамп го сподели видеото на својата социјална мрежа Truth Social во четвртокот навечер, а линкот сега води до страница која повеќе не е достапна.
Според изјави на претставници на Белата куќа, објавата била „грешка на член на персоналот“, а видеото набрзо било отстрането, пренесува Си-Би-Ес Њуз.
Одлуката следуваше по бран осуди, и од демократите и од републиканците, кои видеото го оценија како „расистичко“, „навредливо“ и „неприфатливо“.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, се обиде да ја оправда спорната објава, нарекувајќи ја „интернет мим видео“ во кое Трамп е прикажан како „крал на џунглата“, а демократите како ликови од филмот „Кралот лав“.
Ливит ги отфрли критиките и ги повика медиумите да се „воздржат од лажно згрозување“. Видеото, со траење нешто повеќе од една минута, промовира тврдења дека претседателските избори во 2020 година биле наместени против Трамп.
Кон крајот на снимката се појавува краток кадар во кој главите на Барак и Мишел Обама се монтирани на тела на мајмуни, со музика од песната „The Lion Sleeps Tonight“.
Од кабинетот на Обама соопштија дека засега нема да го коментираат случајот. Барак Обама беше првиот црн претседател на САД, додека Мишел Обама беше првата црна прва дама.
Трамп и претходно споделувал навредливи и расистички содржини за брачниот пар Обама, а со години ја промовираше и теоријата на заговор дека Обама е роден во Кенија, што подоцна го демантираше за време на кампањата во 2016 година.
Како што појаснува Си-Би-Ес, оригиналното видео, на кое се повика Ливит, било објавено минатиот октомври на мрежата Икс и, според наводите на медиумите, е генерирано со вештачка интелигенција.
Во него и други истакнати демократи се прикажани како животни, додека Трамп е претставен како лав, а во верзијата што ја сподели Трамп, единствените прикажани демократи биле Барак и Мишел Обама.
Иако Белата куќа го повлече видеото, контроверзата отвори прашања за квалитетот на содржините што се споделуваат од официјални профили и упати остри критики кон претседателот Трамп поради поттикнување поделби и користење расистички симболи за политички цели.
Трамп објави видео направено со ВИ, Барак и Мишел Обама се како мајмуни во џунгла


