Бејли за ВОА: Уставните измени ќе ја засилат позицијата на државата, тие се јасно решение за бугарското вето

Фото: МИА

Поранешниот амбасадор на САД во Скопје, Џес Бејли е оптимист дека земјата ќе влезе во Европската Унија, а уставните измени се јасно решение за бугарското вето.

Во интервју за Гласот на Америка, Бејли порача дека ќе биде разочарување ако има ново вето, со што би се закочил патот кон ЕУ.

-Мислам дека САД би биле разочарани ако се случат натамошни постапки од ваква природа. Додека поминувате низ процесот и отворате поглавја, одредени земји ќе сакаат да се уверат дека самите критериуми се исполнети, така што ќе има и други прашања на патот. И затоа мислам дека е важно секое прашање да не се гледа како нелегитимно прашање меѓу земјите-членки, бидејќи тоа е дел од процесот. Тоа ќе биде долг процес да се помине низ некои од тие поглавја, особено за владеењето на правото. Земјата ќе биде под голем надзор, тоа е јасно, како и Албанија и другите. Но, мислам дека сум оптимист. Мислам дека луѓето ќе видат дека ова ќе се случи. Но, не можам да кажам кога, изјави Бејли.

Тој додаде дека на почетокот и Преспанскиот договор бил критикуван, но веќе никој не го спори позитивниот исход од него.

-За жал, сега го имате ова бугарско вето за придвижување на процесот напред. Има јасно решение изнесено таму. Тоа решение не им се допаѓа на сите. Но, мислам дека пет години отсега со спроведување на уставните измени, пет години во иднина, луѓето ќе увидат дека тоа е позитивен чекор за земјата. Сфаќам дека многу луѓе се противат и сочувствувам со фрустрацијата на луѓето поради тоа, посочи поранешниот амбасадор на САД.

На прашањето дали Преспанскиот договор разочара во однос на европската перспектива, тој рече:

„Не мислам дека потфрли во однос на перспективата, бидејќи Преспа секако беше со Грција и нејзината блокада конкретно навистина повеќе за во НАТО. Таму почна. Но, очигледно, тој беше дизајниран да го постави патот кон ЕУ. Вие сте во ситуација која е тешка. Тоа е фрустрирачки. Но, мислам дека ако земјата продолжи по својот стратешки пат, колку и да е тоа тежок, таму има подобра иднина. Мислам дека е важно да се задржи таа поширока визија, како што разгледувате некои краткорочни прашања кои можеби изгледаат многу тешки, но на крајот, како и со многу одлуки во животот, кога ќе ја направите таа одлука, се покажува дека сепак не била толку лоша“.

Тој вели дека уставните измени ќе ја засилат позицијата на државата, а проблем на Бугарија е тоа што не го признава македонското малцинство и покрај пресудите на Судот во Стразбур.

„Тие имаат свој систем. Јас не гледам зошто некој не би препознал група во земјата. Не знам. Секоја земја има различни начини да го прави тоа. Северна Македонија е многу инклузивна земја во тој поглед, и отсекогаш била, и мислам дека уставниот амандман предложен во моментов само го зголемува тоа, така што ако Бугарија одлучи да не го прави тоа, добро, тоа е нејзин проблем“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот