„Бехтел и Енка“ експрес не стои на попатни станици

За измените на Законот за работни односи претходно не беа прифатени амандманите од опозицијата ниту во Комисијата за европски прашања ниту во законодавно-правната комисија. Опозицијата обвини дека со измените на Законот се суспендираат работничките права, и покрај укажувањата на евроамбасадорот Дејвид Гир, невладините организации и на синдикатите.

Не на брза, туку на експресна лента претседателот на Собранието Талат Џафери ги стави измените на Законот за работни односи откако за нив заврши комисиската расправа. Овој закон е прв од петте закони нужни за забрзана изградба на коридорите 8 и 10-д од конзорциумот „Бехтел и Енка“, додека другите четири се на комисиска расправа.

Со ова почна и последната фаза од собраниската процедура за усвојување на законите за коридорите, на што остро се спротивставија опозицијата, невладини организации и сите синдикати, особено за измените на Законот за работни односи со кој ќе се овозможи прекувремена работа повеќе од 40 часа неделно.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека е преседан додека траат комисиските расправи за законите, едновремено Џафери да закаже пленарна седница за законите за коридорите.

„Во брзање да ги донесете законите, закажувате пленарна седница додека во Собранието се закажани три комисиски расправи, од кои на две комисии се расправа за два закони за коридорите. Ова е преседан, каде попрво да стасаат пратениците? Прво, пратениците ги предложија скандалозните закони, но бидејќи изгледа не беа добро напишани, ги повлекоа за да ги предложи Владата. Претседателот Џафери експресно закажа пленарна седница за Законот за работни односи. Ова само покажува дека владејачкото мнозинство е решено да го истурка барањето на Владата заради опстанок на владиното мнозинство“, рече Мицевски.

За измените на Законот за работни односи претходно не беа прифатени амандманите од опозицијата ниту во Комисијата за европски прашања ниту во законодавно-правната комисија.

Опозицијата обвини дека со измените на законот се суспендираат работничките права и покрај укажувањата на евроамбасадорот Дејвид Гир дека европско знаменце треба да се користи само при усогласување на македонското со законодавството на ЕУ, што не се прави во овој случај и противењето на невладините организации и на синдикатите.

„На сила ги девалвирате и ги суспендирате Уставот и законодавството во Македонија. Ова е срам за државата. Законот се суспендира во делот на работничките права. Овој член беше оспорен од Уставниот суд, но вие си терате. Ќе овозможите дополнителна прекувремена работа, односно 60-часовната работна недела сега ја заменувате со 40-часовна работна недела со плус 20 часа и повторно излегува дека работниците на патните делници ќе работат по 60 часа неделно. Законот е само за задоволување на интересите на изведувачот. Законот го носите со ЕУ-знаменце, а никаде во табелите не е наведено во што е усогласувањето со ЕУ-регулативата. Ја повикувам министерката Тренчевска да ѝ објасни на јавноста што се случува. Но неа ја нема, а не е ниту потпишана на предлог-законот“, рече Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ.

Жаклина Лазаревска од СДСМ рече дека опозицијата манипулира дека работната недела се зголемува на 60 часа.

„Сè што кажавте, излажавте. Само се регулира прекувремената работа и местото за исплата на платите на работниците за проекти што се од стратешко и национално значење за државата. Работникот само со своерачен потпис може да прифати дека ќе работи прекувремено“, рече Лазаревска и додаде дека никаде во предлог-законот не е наведено дека ќе се воведе 60-часовна работна недела.

Трајанов во контрареплика рече дека само Лазаревска може вака да ги испреврти работите.

„Само таа го може тоа. Сега ќе излезе дека се унапредуваат работничките права и дека не се 60 работни часови, туку 40 плус 20. Нудите исплата на плата во плик што е даночна евазија“ рече Трајанов.

Опозицијата обвини дека законите за коридорите се за дополнително испумпување пари од граѓаните, дека освен опозицијата против прекувремената работа на коридорите се и сите синдикати.

Според собраниски извори од власта, Џафери ќе ја закаже 115. седница на која се законите за коридорите веднаш откако за нив ќе заврши комисиската расправа.

За измените на Законот за работни односи се пријавени 35 пратеници од опозицијата и очекувањата се дека законот може да биде донесен до крајот на неделава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот