Загаденост/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Бегство од смогот: Каде граѓаните низ Македонија го бараат чистиот воздух кога градовите се гушат?

Жителите на Скопје бараат спас од загадениот воздух на Водно, додека, пак, битолчани најчесто се упатуваат кон Пелистер. И во другите македонски градови, граѓаните сè почесто заминуваат во околните села во потрага по почист воздух бидејќи малку се местата каде што зимскиот квалитет на воздухот може да се смета за прифатлив, пишува „Фактор“.

„На Кожуф можат да отидат, на Тиквешкото езеро, до Витачево, висорамнина над Кавадарци, тоа е излетничко место. Најчесто луѓето за викенди одат на овие локации, во работните денови послабо, а има и некои кои си живеат таму, покрај езерото кое е на десетина километри од градот,“ велат од Еко-Живот Кавадарци за „Фактор“.

Охрид, како и многу други градови во земјава, се вели во текстот, редовно се соочува со загаден воздух, особено во вечерните часови, кога смогот станува најзабележлив и трае со недели.

Според еколошките активисти, граѓаните спас од лошиот квалитет на воздухот го бараат во зелените појаси околу градот – на Галичица, во Велестово и во населбата Чекоштина, кои се наоѓаат на неколку минути од градското јадро и нудат можности за пешачење и престој во природа.

ВИДЕО+ГАЛЕРИЈА | „Профит за Усје, болест за народот“: Граѓанска блокада на Цементарница

Слична е состојбата и во Кочани, каде што високото аерозагадување предизвика и граѓански протести во изминатите години. Дел од жителите спас бараат на Пониква и во селските предели со надморска височина од 700 до 800 метри, кои се сметаат за воздушна бања погодна за луѓе со респираторни проблеми.

Тетово, кое според странски медиуми и податоци на СЗО било вбројувано меѓу најзагадените европски градови, бележи драстична разлика во квалитетот на воздухот меѓу градот и Попова Шапка, каде што граѓаните масовно одат за време на викендите.

Истото важи и за Струмица, каде што жителите се повлекуваат кон Беласица и Огражден, како и за Кичево, каде што чист воздух се бара во Кнежино, Крушино и во околината на манастирот Пречиста.

Според проценките, аерозагадувањето секоја година индиректно придонесува за смртта на неколку илјади луѓе во земјава.

За потсетување, во четвртокот, пред влезот на Цементарница „Усје“, се одржа блокадата организирана од иницијативата „Стоп за Усје“, со која граѓаните го изразија револтот од енормното загадување на воздухот, во кое, според нив, значително учествува скопската фабрика за цемент.

ВИДЕО+ГАЛЕРИЈА | „Профит за Усје, болест за народот“: Граѓанска блокада на Цементарница

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот