Фото Слободен печат

Базата ќе пресече за смена на Артан Груби?

Откако „огнените“ се симнаа во базата и од ограноците бараат поддршка за смена на првиот вицепремиер и на други министри, Ахмети реши од овој викенд да бара поддршка на терен.

Поддршката на терен ќе биде клучна за идните чекори од спротивставените во ДУИ. Откако ескалира нетрпението меѓу „огнената група“ и министрите што ги поддржува лидерот Али Ахмети, сега силите се одмеруваат во партиските структури, откако „превратот“ во партиските органи не успеа.

Откако „огнените“ се симнаа во базата и од ограноците бараат поддршка за смена на првиот вицепремиер Артан Груби и на други министри поради нереализација на ветените проекти во Владата, Ахмети реши од овој викенд да бара поддршка на терен.

Од ДУИ за „Слободен печат“ негираат дека се исплашиле од теренските активности на „огнените“, а средбите со партиските структури ги објаснуваат како редовни активности.

– Имаме одлука на Генералниот совет на партијата за средби со граѓани и подготовка на избори во сите ограноци на младината, на сите подограноци и на ограноци, освен за тие за кои изборите се одржаа лани – велат од ДУИ, но не објаснуваат зошто тогаш мотото е „Заедно за Европа“ ако станува збор за избори во ограноците. Потпретседателот на ДУИ и еден од предводниците на „огнените“ Изет Меџити за „Слободен печат“ вели дека не е точно дека за средбите на кои ќе учествува Ахмети и министрите има одлука на Генералниот совет на партијата.

– Имавме средби со структурата бидејќи бевме принудени, зашто три години по Конгресот не беа формирани партиските тела. И по формирањето на телата, очекувавме Ахмети да свика трето Централно претседателство за да финишира анализата за сработеното на министрите, но и до тоа не дојде. По ова, решивме да се консултираме со базата и го одржавме состанокот во Студеничани – вели Меџити и нагласува дека не можело да има одлука на Генералниот совет за средби на Ахмети и министрите со ограноците, бидејќи тоа тело не заседавало повеќе од една година.

Преку средбите со партиската структура, „огнените“ велат дека бараат решение во рамките на партијата.

– Ако граѓаните се согласат дека Груби добро сработил, тогаш тоа ќе го прифатиме. Во спротивно, ќе инсистираме на смена на првиот вицепремиер. Очекуваме Ахмети, како претседател и татко на партијата, да не држи страна. Ако сака да се истроши за неколку министри, тогаш Ахмети ќе оди контра волјата на гласачите и тогаш губитник ќе биде ДУИ – велат од „огнените“.

Тие повторуваат дека нема да ѝ наштетат на ЕУ-агендата на земјава и дека не ја уриваат Владата, туку напротив – ја спасуваат, слично со потегот на Кастриот Реџепи, кој лани не дозволи формирање ново мнозинство во Собранието. По вечерата на Ахмети кај албанскиот премиер Еди Рама во Тирана, каде што беше во друштво на Груби, за дел од аналитичарите веќе нема дилема дека лидерот на ДУИ не планира смена на првиот вицепремиер.

– Со излегувањето на терен и со масовната поддршка на која наидоа во Сарај и во Студеничани, „огнените“ се надеваа дека ќе го натераат претседателот на ДУИ конечно да се откаже од Груби и да им се приклони. Меѓутоа, патувањето на Ахмети заедно со Груби во Тирана покажа дека претседателот на ДУИ веќе одлучил кој ќе му биде најблизок соработник – вели за „Слободен печат“ новинарот и аналитичар Исен Салиу.

Според него, можноста за компромис меѓу двете струи сега изгледа помалку реална отколку на почетокот на конфронтациите. Направените отстапки за „огнените“ очигледно се недоволни без смена на министрите.

– Мислам дека претставниците на „огнените“ би поддржале нова Влада, без другиот дел на ДУИ, но само ако имаат гаранции дека таа ќе биде подолгорочна, а не за неколку месеци, за да имаат доволно време да се консолидираат во егзекутивата со свои луѓе и претставници. Многу нешта за понатамошниот тек на оваа конфронтација ќе зависат од поддршката на која ќе наиде Ахмети во партиската база. Доколку увиди дека базата му е верна, тогаш на наредните избори сигурно нема да ги опфати претставниците на „огнените“, кои најверојатно тогаш би излегле на избори со своја листа како фракција на ДУИ – смета Салиу.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот