Фото: KF Bashkimi

Башкими го обезбеди опстанокот во Првата лига по ремито со Македонија ЃП

Вистински фудбалски спектакл со шест погодоци, пресврти, промашен пенал и драматични ВАР-одлуки одиграа екипите на Башкими и Македонија Ѓорче Петров со резултат 3:3. Иако кумановци (кои поради суспензија на својот терен овој меч го играа во Гостивар) пропуштија предност од два гола, на крајот освоениот бод значеше и официјално осигурување на опстанокот во Првата македонска лига.

Али Адем излезе „очи во очи“ со домашниот чувар на мрежата Јашар, кој интервенираше и исфрли во корнер. Сепак, токму по тој прекин, Кабаркас најдобро се снајде во шеснаесетникот и донесе водство за Македонија ЃП од 1:0.

Притисокот на домаќините веднаш се зголеми. По обидот на Рибеиро од 17 метри кој го одбрани Јанков, израмнувањето пристигна брзо. Емануел Аворнио по асистенција на Алексовски погоди за 1:1 во 17 минута. Самиот Алексовски направи вистинско ремек-дело во 31 минута, кога по една соло-акција го совлада Јанков за прво водство на Башкими. Предноста порасна на убедливи 3:1 само шест минути подоцна, кога Хасани одлично асистираше, а Аворнио со својот втор гол ја круниса прекрасната тимска акција во три потези.

Вториот дел им припадна на гостите кои не се предаваа. Уште во првиот посериозен напад во 52 минута, Софијановски одлично проби во казнениот простор и несебично го пронајде Стеван Николиќ, кој на празна мрежа намали на 3:2.

Возбудувањата ја достигнаа кулминацијата кога по реакција на ВАР-системот и играње со рака на еден од гостинските дефанзивци, главниот судија Грујовски покажа на белата точка за Башкими. Сепак, искусниот Ристо Јанков го прочита ударот на капитенот Арменд Алими и спречи зголемување на водството. Казната стигна во 86 минута кога Кабаркас со својот втор погодок на мечот ги постави конечните 3:3, носејќи огромна радост за гостите од Ѓорче.

До крајот се играше буквално „на сè или ништо“. Во 88 минута гостите бараа пенал по продорот на Ричков и играње со рака на домашен дефанзивец, но по долга ВАР-консултација, судијата пресуди дека претходно имало офсајд позиција. Во судиското продолжение, Македонија ЃП имаше колосална шанса за победа, но силниот удар на Џангаровски заврши само во дирекот.

Во последното коло од шампионатот, Башкими му гостува на Пелистер во Битола, додека Македонија ЃП ќе ги одмери силите со Силекс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот