весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Бараме и рачки и кеси

Еколошката свест нема да се купи со пластична кеса, на неа треба многу да се работи. Дали може да си дозволиме луксуз да удираме по домашните производители на кеси, а хартиените да ги бараме на кванташки пазар?

Министерот за животна средина Насер Нуредини кажа јасно и гласно: и кесите без рачки ќе се наплатуваат. Претпоставувам дека беше понесен од прес-конференцијата, зашто реално тоа не се случи. Не дека толку нешто драматично во животот значат тие кеси без рачка, колку што нема некое попрактично решение. А, за волја на вистината, звучи и дегутантно, ако се „зумираат“ сите мали и големи депонии низ државава, направени што од нашата некултура, што од непостоење институционални решенија.

Од една страна го разбирам Нуредини и навистина ми се допаѓа кога некој се држи до регулативата, ништо не измислува и филозофира, туку си вели дека, според правилникот, секоја кеса чија дебелина е под 15 микрони, мора да се наплатува 15 денари. Но, од друга страна, во што да спакувате, на пример, два килограма компири? И сега е ужас. Работата е стави компирче во една кесичка без рачки, стави друго во друга… Или, едноставно, натрупај во корпа, па истури на каса (како што правам јас), па нека се снаоѓа касиерката, нека мери и нека ви ги подава за да ги ставите во торба. Ама и тоа не е некое нормално решение! Трето е – хартиени кеси. А во тие тешко дека ќе ставите нешто повеќе, а ако ставите нешто наводенето, како на пример спанаќот што го испрскале со вода за да биде свеж, уште не стигната до касата, половина од хартиената кеса се распаднала.  А трговците веројатно не нашле поарни хартиени кеси.

Еве, јавно прашувам: дали во Македонија некој произведува хартиени кеси? Мојата потрага беше неуспешна. Во Стопанската комора на Северна Македонија ми кажаа дека и тие се обиделе да пронајдат и да контактираат со некој производител, но безуспешно. Во Сојузот на стопански комори ми кажаа дека немаат таква членка. Се јавив на телефон кај производители на картонска амбалажа тие ми кажаа дека не произведуваат хартиени кеси, но и дека не знаат дали некој произведува. Се обидов да дознаам во еден поголем синџир маркети од каде тие ги набавуваат кесите, но на моето љубезно прашање не добив никаков одговор. Ја прашав и (моја) продавачката во бурекџилница, а таа ми кажа – сите ние купуваме хартиени кеси од кванташки пазар, а од каде доаѓаат таму, тоа не знаеме.

По сѐ изгледа, кај нас никој не ги произведува. Но, затоа има кој произведува пластични кеси. Колку што се пофали Нуредини дека се намалил прометот со кеси во продавниците, толку им се намалил и ним прометот во продажбата. А таму има вработени. Наши сограѓани, што чекаат плата. Во овие фирми состојбата ќе стане уште подраматична, затоа што во 2023 година нема да се признаваат и кесите што сега ги прават, туку дотогаш треба да се приспособат на нови стандарди, а приспособувањето значи голема количина пари.

Да се разбереме, тоа што кесите станаа 15 денари не значи дека тие пари одат кај производителите,  туку дека се слеваат на посебна сметка за екологија. Од пластичните кеси, како што рече Нуредини, само во декември се собрани 234.000 евра. За тие пари треба да се смислат еколошки проекти. За почеток Нуредини најави  купување контејнери за селекција на отпад, со што треба да се намали количината на отпадот и неговото рециклирање. Идејата е добра, но еколошката свест е одвај жива кај населението, барем не масовно. Навистина, екологистите се сѐ погласни, но народот сѐ  понекултурен – по секој викенд Водно останува затрупано со отпадоци, а да не зборуваме за вандализмот на кој сме често сведоци во однос на корпите за отпадоци. Колку за илустрација: пред „Кам“ во Црниче има поставено голем контејнер за електронски отпад. Арно ама, некој го оштетил (ја откорнал пластиката напред !?) и сега таму кој како стигне си фрла разно ѓубре, што, патем, ни службите за чистење не може да го извадат.

Тоа е нашата реалност. Далеку сме од океаните за кои, пред се, е донесена  европската директива за еднократните пластични производи, а далеку и од Европската Унија. Прво, да станеме свесни за отпадот што го правиме, да се научиме да не го фрламе кај ќе стигнеме, да поставиме барем обични контејнери (не мора за селектиран отпад) во приградските и во викенд-населбите каде што нема ни обична канта, да го подигнеме животниот стандард на граѓаните кои можеби така ќе станат и подалекугледи, па потоа можеше да дојдат на ред и кесите. Рибата смрди од главата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот