Банките ќарија поголеми добивки од пандемијата

Скопје, 18 август 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Финансиски извештаи Најголемата банкарска тројка – Стопанска банка, НЛБ банка и Комерцијална банка, кои заедно држат половина од банкарскиот сектор (пазарно учество на вкупна актива), во првото полугодие од годинава, имаат вкупна добивка од 49,7 милиони евра, додека во истиот период лани оствариле добивка од 39,2 милиони евра

Банките почнаа да ги објавуваат финансиските извештаи за своето работење од првото полугодие од годинава и според она што е досега видливо, тие повеќе заработиле отколку лани. Најголемата банкарска тројка – Стопанска банка, НЛБ банка и Комерцијална банка, кои заедно држат половина од банкарскиот сектор (пазарно учество на вкупна актива), во првото полугодие од годинава, имаат вкупна добивка од 49,7 милиони евра, додека во истиот период лани, оствариле добивка од 39,2 милиони евра.

Најголема добивка за 6 месеци остварила НЛБ банка. Оваа банка досега не била на чело со добивките. Банката годинава има огромен скок во однос на лани. Така, за првите 6 месеци од годинава, НЛБ банка остварила нето-добивка од 18,4 милиони евра, а минатата година добивката и била 11,5 милиони евра. Приходите на оваа банка се остварени од нето-камати (разлика меѓу каматите што банката ги наплатува за дадените кредити и оние што ги дава за депозитите) од 23,7 милиони евра, како и од нето-провизии од 9,5 милиони евра.

Втора по остварени добивки, но прва по прибраниот износ од камати е Стопанска банка. Банката во полугодието од 2021 година остварила нето-добивка од 17,8 милиони евра, односно 2 милиони евра повеќе од ланското прво полугодие. Чистата добивка од каматите на оваа банка е дури 30,7 милиони евра и за околу 800.000 евра поголема од лани, а до 30 јуни годинава, Стопанска банка од провизии и од други давачки ќарила 6,4 милиони евра.

Комерцијална банка за 6 месеци заработила од каматите 19,2 милиони евра, што е помалку од лани кога во истиот период инкасирале 19,6 милиони евра, но затоа Банката добила повеќе од провизии – во првото полугодие од оваа година заработката и била 8,5 милиони евра, а лани, во истиот период, добила  7,3 милиони евра. Крајниот резултат, претставен во нето-добивка покажува дека за 6 месеци Комерцијална банката е во добивка од 13,5 милиони евра, а лани, во истиот период имала ќар од 12,2 милиони евра.

Поголемите добивки во банкарскиот сектор не се за изненадување ако се земе предвид дека минатата година во април банките дадоа можност во наредните 6 месеци да не се отплатуваат кредитите, но за тие 6 месеци се пресметуваа камати. Оваа понуда ја прифатиле 70 отсто од граѓаните, а шестмесечната камата, според пресметките на „Слободен печат“ (врз основа на податоците од Народната банка), ги чини овие граѓаните дополни 39 милиони евра. 

На мал дел од граѓаните што го искористиле првото одложување на кредитите, им било одобрено и ново одложување од октомври до април, а останатите продолжиле со редовната отплата на ратите, на каматите, но и на дополнителните камати. Овие дополнителни камати, за сите кредити, освен за кредитните картици, тие ги отплатуваа на 6 рати, распоредени од октомври 2020 до април 2021 година, додека пресметаната камата за одложувањето за кредитните картички се наплати еднократно во октомври.

Комерцијална банка: 13,5 милиони евра им припаѓаат на акционерите

Комерцијална банка во финансискиот извештај доставен до Берзата јасно посочи дека од овогодишниот шестмесечен ќар на банката од 13,5 милиони евра, 13,4 милиони им припаѓаат на акционерите.

Другите банки немаат вакво известување во нивните финансиски извештаи. Но, до понеделникот важеше Одлуката за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките.

Народната банка во февруари донесе одлука за привремено ограничување на распределба на дивидендата, а ја укина во понеделникот повикувајќи се на показателите од првото полугодие од годинава.

Од сите банки, Комерцијална банка и ТТК банка во време додека важеше Одлуката на Народната банка, донесоа свои одлуки за распределба на дивиденда за 2020 година.

Хари Костов се стекна со 3.500 обични акции од банката

Комерцијална банка АД Скопје извести преку Македонска берза дека Хари Костов, главен извршен директор и претседател на Управниот одбор, се стекнал со 3.500 обични акции издадени од Комерцијална банка АД Скопје.

Како што објави порталот Банкарство.мк. со овие акции Костов дополнително го зголемил својот акционерски капитал во Комерцијална банка АД Скопје, каде што вкупниот број акции во моментов изнесува 2.279.067 обични акции со право на глас. Во четвртокот, според податоците на Македонска берза, една акција на Комерцијална банка чинеше 10.016 денари и бележи раст од 1,09 проценти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот