Багерите почнаа да работат додека жителите чекаа средба со градежниот инспектор

Багерите што жителите на населбата Пржино во четвртокот со жив штит ги спречија преку тесна слепа уличка да стигнат до локацијата каде што треба да се градат четири четирикатници, вчера се пробија и почнаа со работа. За тоа е искористена ситуацијата кога претставници на граѓаните отишле на претходно закажана средба со градежниот инспектор, истиот оној што во четвртокот, во обид да го смири гневот на граѓаните, издал решение за инвеститорот за забрана за градежни работи во текот на денот.

Средбата не се одржала затоа што инспекторот си земал слободен ден, ниту пак кој било од општинарите ги примил граѓаните, кои залудно очекувале дека ќе се  најде некое решение за нивниот проблем.

– Вчера дојдоа четворица полицајци со два „пајака“ за да ни ги тргнат возилата од уличката да поминат багерите. Потоа дојде инспектор од Општина Кисела Вода, направи муабет со началничката и инвеститорот и ни закажа состанок за денеска во 9.30 часот. Отидоа сабајле дел од соседите, а во меѓувреме овие „мртви ладни“ си дојдоа со багерите, демек нема што повеќе да чекаат. Соседиве во Општина чекале цел час и најпосле им кажале дека инспекторот си земал слободен ден. Замислете каква институција е тоа и колку е монструозно цела улица да лажеш – револтирано објаснува Искра Димитрова, една од засегнатите жители во Пржино.

Граѓаните и вчера излегле на протест, но залудно. Тие велат дека изведувачите добиле решение од МВР за времен сообраќаен режим, со кое тесната улица може да се користи за минување на механизацијата до локацијата за градба, кое веднаш било одобрено од Општината.

Зошто воопшто општинскиот градежен инспектор издал решение за забрана за градба во четвртокот, останува нејасно, а од Општина Кисела Вода нема прецизен одговор.

– Градежниот инспектор има изречено забрана со цел увид во сообраќајното решение за кое не е надлежна Општина Кисела Вода. Општината за овие станбени куќи во низ со катност П+2+Пк со вкупно 16 станбени единици има издадено правосилно одобрение за градење согласно Деталниот урбанистички план за Реон Ј, Градска четврт Ј20.01 донесен на 31.05.2016 година – одговорија кусо од Општината.

Со овој ДУП, меѓу другото, се предвидува на парцелата на улица „Кара Трифун“ да се изградат четири станбени куќи со шеснаесет стана, сместени меѓу две слепи и тесни улички. Жителите од Пржино веќе подолг период укажуваат дека доколку тоа се случи, тие ќе бидат оневозможени да функционираат нормално, затоа што постојната инфраструктура не дозволува ни два автомобила да се разминат на улица, а не може во случај на потреба да пристапи ни возило за Брза помош ни пожарна.

Сепак, објектите почнуваат да се градат, но жителите велат дека нема да се откажат. Тие имаат намера да преземат некои акции, затоа што, како што велат, ова е веќе шеста зграда што се гради по доаѓањето на градоначалникот Филип Темелковски, иако претходно немало воопшто изградба на овој простор, затоа што теренот тоа не го дозволува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот