Баерн Минхен повторно дели лекции како се прават трансфери, се договори со најбараниот дефанзивец
Судејќи по германските и француските медиуми, актуелниот германски, европски и светски шампион Баерн Минхен, ја заврши работата околу новиот стопер за наредната сезона.
На челниците на Баерн Минхен им беше кристално јасно дека ангажирање на стопер е главен приоритет во наредната сезона бидејќи ќе останат без Давид Алаба, додека Боатенг е далеку од поранешната форма и поради тоа реагираа експресно.
Според француски „Лекип“, Баерн Минхен ги договорил деталите од трансферот на најбараниот дефанзивец Дајот Упамекано од Лајпциг и тоа за сума од околу 45 милиони евра.
Лајпциг е во завршни преговори со Стразбур за трансферот на Мохамед Симакан, што ќе значи продажба на Упамекано.
Иако за него интерес пројавуваат екипи како Челси, Манчестер јунајтед, ПСЖ, Реал Мадрид, Манчестер сити, Јувентус, Упамекано го избра Баерн Минхен.
Младиот 22-годишен фудбалер смета дека Баерн е најдоброто место за него за понатамошен развој бидејќи веќе четири години игра во Бундеслигата и одлично го познава германскиот јазик, а според „Лекип“ баварците му гарантираат дека тој ќе има загарантирано место во првиот тим и тоа наместо Давид Алаба.
Интересно е што „Лекип“ пишува дека трансферот е договорен до детал, а германските медиуми тврдат дека сè уште не е готово но Баерн Минхен е најблиску до договор.