„Бабарогата“ Талат Џафери

Сашо Орданоски
Сашо Орданоски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Се добива впечаток дека Џафери станува најслабата политичка „алка“ во власта исправена пред стратегијата на опозицијата за потребите на предизвикувањето предвремени избори да се прошири перцепцијата дека демократијата во земјата се гуши, само за власта да остане на власт

Македонското Собрание, дефинитивно, има проблем со вратите. Онојпат, памтиме, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ неовластено ги отвораа, за во зградата да влезат луѓе кои беа решени со примена на насилство да ја сменат политичката историја на македонската демократија. Во таа прилика некои заклучени врати во самата собраниска зграда можеби спасија и пратенички животи, а отворените врати од кабинетот на тогашниот собраниски претседател беа предмет на судско вештачење за движењето на насилниците… Сега, пак, сегашниот претседател на истото тоа Собрание си дозволи да ги заклучи вратите од пленарната сала за да се преброи физичкото присуство на пратениците на седницата.

И „отворачите“ и „затворачите“ на вратите се повикуваат на демократија, така како што, демократски, самите си ја толкуваат. Додуша, има и важечки закони за тие работи, според кои се знае кој може и во кои услови да отвора и заклучува врати. Тие одредби не се на страната на оправдувањата на постапките и во едниот и во другиот случај, иако последиците се неспоредливи. Но, законите се принципиелни; само казните за нивното кршење кога треба да се одмерат последиците се различни.

Талат Џафери би морало да знае подобро. Тој покажува голема нервоза, што не е карактеристично за него, во управувањето со овој состав на Собранието. Опозицијата си е опозиција и има право да одбере на кој (демократски) начин ќе ја руши власта. Не им успеа лани со гласање, па сега поминаа на бојкот, протести, герила-собраниски акции, а и разновидни провокации, за да се оневозможи нормалното работење на мнозинството пратеници. Ништо ново и ништо невидено. Да, не е лесно да се управува со пратеничката собраниска „менажерија“, дотолку повеќе во услови на „тенко“ собраниско мнозинство на власта. Но, да им ги заклучуваш вратите на пратениците?!

Собранискиот претседател Џафери веќе два пати се посрамоти пред овој „инцидент со вратите“. Еднаш кога пред десетина дена беше снимен како непристојно и грубо им се обраќа на собраниските службеници, нешто што не му доликува ни на годините ни на политичкото искуство со кое располага, а особено не на функцијата што ја обавува. И втор пат кога одби, залудно дообјаснувајќи се „на рати“, да се извини за таквата своја постапка. Тој и сега мисли дека е во право за тоа. Мнозинството во јавноста, пак, не сака луѓе – а не уште и општественици, политичари! – кои не умеат да се извинат за своите очигледно погрешни постапки.

Џафери е интелигентен, способен политички оперативец. Но крут, тврдоглав политичар, и кога чита поезија од собраниските клупи и кога го чита собранискиот Деловник од претседателската собраниска фотелја. На тоа го темели и својот специфичен шарм, освен кога ќе претера. Таков е во јавните настапи и вон Собранието, бидејќи соговорниците со кои не се согласува понекогаш знае да ги третира и со одредена доза на арогантен презир. Нема формула според која тоа може да биде добро за еден политичар. Собранието, сепак, не е воена касарна, туку Куќата на демократијата во која прагот на толеранцијата и воспитаноста во управувањето со таа институција мора да биде повисок дури и од евентуалната невоспитаност на политичките опоненти.

Се добива впечаток дека Џафери станува најслабата политичка „алка“ во власта исправена пред стратегијата на опозицијата за потребите на предизвикувањето предвремени избори да се прошири перцепцијата дека демократијата во земјата се гуши, само за власта да остане на власт. Со своето однесување тој просто им се „нуди“ на опозиционерите од него да создадат политичка „пињата“ и недемократска „бабарога“, причина повеќе за „веднаш, сега и итно“ да се оди на вонредни избори. Како власта да има малку предизвици за решавање, само уште ваквиот Џафери им недостигаше.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот