Азилантите и ЕУ: цинизам или стратегија?
Мигрантската криза и ЕУ – Дали азилантските центри се решение за мигрантската криза или нова форма на регионална сегрегација?
Кога на Бизмарк му било забележано дека нема да бидат задоволни балканските народи од решенијата на Балканскиот конгрес, тој од високо одговорил дека ним и не им била цел да ги усреќат тие крадци на свињи!
Оваа анегдота ми ја евоцира изумот на Европската Унија за азилантски центри во земјите од Западен Балкан. Недостојните за азил во земјите членки на ЕУ, со надоместок од дваесет илјади евра по азилант, да се згрижат во Западниот Балкан – меѓу крадците на свињи!
Препорачано
Нашите предци му се беа одмаздиле на цинизмот на Бизмарк со епитетот „Европа – курва вавилонска“. Но имало Господ, дочекавме тој свет на горни и долни антрополошки катови да се замени со „заедница на вредности“: од пепелта на раскараната и сегрегирана Европа – поприште на националните егоизми, изникна цвет Европска Унија. Саморазбирливо е тој цвет да се негува според принципи иманентни на неговото битие, во нова клима, со нов менталитет. Тоа значи споделување меѓу луѓе и народи како субјекти, заштитени од деградација на кого било од нив во предмет. За жал, ЕУ се огреши од оваа иманентна логика уште со конструкцијата „Западен Балкан“. Сега, со решението за азиланти тука, „заедницата на вредности“ како да допишува анекс кон решенијата на Берлинскиот конгрес – основната детерминанта на осцилациите меѓу војните и мирот во последниот век и половина, сѐ до актуелната војна во Украина!
Азилантските центри во земјите од Западен Балкан се вовед во нова етапа на регионална сегрегација. Прво тие се држат надвор од Унијата со скрупулите на затечената сегрегација. Со тоа предизвикуваат иселување на највиталните слоеви од нивното население, на пример медицински и инженерски кадри, кои земјите од ЕУ ги прегрнуваат како пожелни имигранти: „неподготвените“ за зачленување. Го помагаат развојот на членките, за сметка на натамошна сопствена ентропија. За возврат, празнината од работна сила на балканците загрижените бриселски доброчинители ја надоместуваат со „кадри“ – социјален товар и безбедносен ризик за Унијатите. Тие најпосле ќе му го обезбедат на регионот одот кон Брисел! Или ќе го претворат во квасец за уште една војна!
Која сила ќе ги задржи тука?
Мигрантската криза е последица од преголемата глобална нееднаквост. Мигрантите го следат движењето на богатството – од некогашните колонии – кон метрополите. Западниот Балкан не е во никаква корелација со неа, па не може да биде ни средство за нејзино решавање. Не е ни пожелна дестинација: која сила ќе ги задржи тука?
Ако италијанското судство заслужува најголемо признание што го попречува проектот на владата за азилантски кампови во Албанија, позицијата на Велика Британија по ова прашање претставува гротеска. Нејзиниот национален егоизам направи таа да ја напушти „заедницата на вредности“ и да се ослободи од грижата за неа. Во контекст на мигрантската криза и на војната во Украина таа стана spiritus movens на европската политика. Па седница на Берлинскиот процес се одржува во Лондон и на неа се расправа за мигрантската криза! Па се замајува континентот со победа над вечниот источен непријател, иако протагонистот на Западот се повлече од фронтот и ја прогласи Русија за стратешки партнер!
Приказот на протераните мигранти од Британија во Македонија како грижа за македонското стопанство, претставува бесрамен цинизам.
Колективна категорична корпа
Кај нас во јавноста прашањето за азилантски центри се претресува со извесна категоријална мешаница: како прашање на миграциите воопшто, како техничко прашање на процедури, како прашање на отвореност кон светот или на ксенофобија. Во прашање е прецизна категорија баратели на азил од кои ЕУ односно Британија сакаат да се ослободат продавајќи ни ги на земјите од Западен Балкан. И ние треба прецизно да одговориме.
За жал, власта и опозицијата придаваат на збрката, исто, со излегување од категоријата. На предлог резолуцијата на СДСМ за неприфаќање на мигранти, власта одговара со контра предлог за осуда на мигрантскиот камп од времето на власта на СДСМ и на ДУИ (што се однесува на мигранти-поминувачи низ Македонија) и за неприфаќање нелегални мигранти. Тоа не ветува усогласен став на Собранието. Посебно загрижува синтагмата нелегални мигранти, зашто свежо ни е искуството со криминалци легализирани со измени на законот!
За ова прегазување на „заедницата на вредности“, со решението за азилантски центри во Западен Балкан, доблесен одговор гледам во колективна категорична корпа од сите земји од Западниот Балкан, уште еднаш понижени како монета за поткусурување.
Дојче веле
(Авторот е пензиониран професор на Филолошкиот факултет во Скопје и поранешен министер)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


